Свет
Бурни реакции на Малта откако бизнисмен е ослободен од обвинение дека нарачал убиство на новинарка
Владата на Малта повика на смирување на јавноста по ослободителната пресуда за тајкунот обвинет за нарачка за убиство на новинарката Дафне Галиција извршено во 2017 година која разоткри даночни оази на светската политичка елита. Вчерашната пресуда ги разбесни семејството на жртвата, на јавноста на Малта и наиде на критики од Репортери без граници кои изјавија дека се „згрозени“ со таквата одлука.
Премиерот Роберт Абела не го коментираше случајот, но неговата Влада ја повика јавноста на „воздржаност“.
„Во овој момент владата апелира на внимателност во јавните изјави што можат да донесат повеќе штета отколку корист“, се нагласува во објавата на владата.
Галиција беше убиена на возраст од 55 години во напад со автомобил бомба пред својот дом во 2017 година. Ги истражуваше т.н. „Документи од Панама“, истекување документи од панамска адвокатска канцеларија која откри на кои начини светската елита крие пари во даночни оази.
Тројца мажи се осудени за извршување на убиството, а двајца за набавка на бомба.
Но, бизнисменот Јорген Фенех наследник на голем број хотели и коцкарници, вчера беше ослободен со одлука на порота 8 спрема 1. Тој беше обвинет за соучесништво во убиството и за злосторничко здружување заради извршување убиство.
Обвинителите можат да се жалат за пресудата. За време на судењето што траеше нешто помалку од два месеца, обвинителството тврдеше дека Фенех сакал смрт за Дафне Галиција бидејќи имала намера да разоткрие информации за него.
Синот на Галиција, Метју на ФБ изрази запрепастување од „ужасната одлука на поротниците“.
„Имаа голема одговорност да ја задоволат правдата. Но, ги измија рацете од неа“, напиша тој.
Опозициската Националистичка партија одржа ноќеска „тивок протест“ пред канцеларијата на премиерот и побараа вонредна седница на Парламентот поради пресудата.
септември 4, 2026
