Скопје
Ѓорѓиевски: Се чека рокот на испорака на новите над 100 автобуси, генерално е нормализирана состојбата со отпадот
Се чека да започне рокот на испорака на над 100 автобуси за градскиот сообраќај во Скопје, но и за останатите општини, најави денеска градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Тој се заблагодари на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и на целиот тим кои помогнаа на град Скопје и на останатите општини да се реши проблемот со превозот и обновата на автобусите.
Прашан дали е задоволен од комуналната хигиена во Град Скопје, Ѓорѓиевски изјави дека генерално е нормализирана состојбата со отпадот, за разлика од пред една година кога ја презеле работата на Комунална хигиена и затекнале само 17 возила исправни, кои можат да го собираат сметот по општините.
– Во моментов имаме околу 50 возила кои што се функционални, но јас секогаш тоа го велам – долги години наназад не се обезбедени нови возила и на дневна основа се случува по три, пет, седум, некогаш и по 10 возила ни паѓаат од работа – поради дефекти. Ова е значителна помош. Сите овие 27 возила – дел се цистерни за перење, дел се метларки кои што подобро ќе ги сервисираат тротоарите, плоштадите и сè останато, местата каде што народот наш се движи овде во Скопје, но најголем дел се возила кои што ќе собираат комунален отпад по руралните средини. Таму најмногу ни недостигаа, но и по булеварите и главните улици во општините каде што имавме проблем – вели Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека друг проблем биле претоварните станици и губењето време, како и трошењето ресурси.
– Во моментов немаме функционални претоварни станици за да го бајпасираме делот Карпош, Ѓорче Петров и дел од Центар. Сега обезбедивме сами како Град Скопје, како Комунална хигиена, две претоварни станици-едната ќе биде токму таму стационирана и многу побрзо ќе се движат процесите во однос на собирањето на отпадот, а другата ќе биде стационирана во Гази Баба, која што ќе го покрива тој регион таму-вели Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Град Скопје Ѓорѓиевски посочи дека дополнителен проблем е недостигот на контејнери, кои се стари и дотраени.
– Во наредниов период и тој дел од прашањето ќе го решиме и мислам дека ќе имаме целосно нормализирање на процесите-подвлече Ѓорѓиевски.
Забележа дека од страна на градоначалниците на ЗЕЛС е заклучено дека најголем проблем за комуналната хигиена е недостигот на механизација, а токму набавката на новите возила за комунална хигиена, кои и денеска беа прромовирани, се во насока на подобрување на состојбите со собирањето на сметот.
септември 3, 2026
