Здравје
Вообичаено апче за дијабетес може да го преобрази начинот на стареење
Повеќе од 100 години откако беше првично синтетизиран и по децении медицинска употреба за дијабетес тип 2, вистинскиот потенцијал на „Метформинот“ можеби сè уште не е целосно реализиран. Можеби најзанимливото тврдење, засновано на повеќе истражувања, е тоа дека овој лек може да има моќни својства против стареењето и кај луѓето и кај животните. Во научен труд објавен во списанието „Ејџинг“ (Aging), научниците ги прочучувале начините и ефектите во забавувањето на стареењето и продолжувањето на долговечноста.
„Покрај неговата примарна улога во намалувањето на нивото на гликоза во крвта, се покажа дека ‘Метформинот’ има неколку ефекти на молекуларно ниво“ – објаснува истражувачкиот тим предводен од првиот автор и истражувач по геномика Џара Манех од Универзитетот „Хамад Бин Калифа“ во Катар. – „Главен меѓу овие ефекти е улогата на метформин во активирањето на ензим во клетките наречен АМП-активирана протеинска киназа – сѐ тоа помага директно во намалувањето на шеќерот во крвта, блокирањето на протеинската киназа м-ТОР, што доведува до зголемена автофагија, значително намалување на оксидативното оштетување во клетките и подобрување на одговорот на ткивата на инсулин.
Лекот, инаку, се наоѓа на Листата есенцијални лекови на Светската здравствена организација.
Натаму, друг начин на којшто „Метформинот“ може да го забави стареењето е преку епигенетски промени поврзани со метаболизмот, стареењето и воспалението, вклучително и модифицирање на производството на ензим наречен TET2.
„Зголемената стабилност на TET2 предизвикана од регулацијата со „Метформин“ резултира со помалку абнормални модели на метилација што предизвикуваат геномска нестабилност за време на процесот на стареење. Ова намалување на абнормалните модели на метилација на ДНК резултира со подобра геномска стабилност и го спречува ризикот од болести поврзани со возраста, со што се одржува профил на метилација кој останува младешки“, пишуваат истражувачите.
Испитување објавено во 2022 година откри дека земањето „Метформин“ кај пациенти со дијабетес тип 2 е поврзано со епигенетски докази за побавно стареење во споредба со луѓето кои не го земале лекот, потсетува „Сајенс алерт“ (Science Alert).
Меѓу испитувањата врз луѓе, многу студии досега првенствено го испитувале лекот во контекст на специфични типови болести, што го отежнува идентификувањето на уникатното геропротективно влијание кај здравите луѓе.
„Повеќето од овие испитувања имаат хетерогени крајни точки (морталитет, инциденца на рак, кардиоваскуларни промени, маркери поврзани со слабост и биолошко стареење) кои обично се комбинираат под терминот стареење. Иако овој широк опсег е концептуално корисен, го отежнува утврдувањето на ‘Метформинот’ како вистински благотворен по животниот век и здравјето или само влијае на одредени исходи на болести кај специфични популации“, додаваат истражувачите.
Сепак, постојат позитивни знаци за иднината. Претстојната значајна студија наречена „TAME“ („За стареењето и ‘Метформинот’“) ќе ги мери ефектите на лекот кај околу 3.000 учесници во клинички испитувања спроведени во 14 истражувачки установи во САД во текот на шест години. „TAME“ и сличните клинички испитувања конечно би можеле да обезбедат цврсти докази за ветувачките сигнали виделе досега. Дотогаш, крајниот потенцијал на овој лек останува тајна. Потребни се повеќе истражувања, особено клинички испитувања по случаен избор кај недијабетични испитаници, за да се истражат епигенетските и микробиомски-посредуваните влијанија на лекот и да се развијат предвидувачки биомаркери на стареењето коишто реагираат на „Метформин“.
Така, според лекарите, со комбинирање на податоци од клинички, молекуларни и популациски нивоа, „Метформинот“ навистина би можел да стане чудотворен лек што ги редефинира границите на здравото стареење.
септември 2, 2026
