Вести
Сиљановска Давкова: Родово-одговорното буџетирање нужност при утврдувањето на државните приоритети
Претседателката Гордана Сиљановски Давкова објави дека денеска се сретнала со четири претставнички на Научниот одбор на меѓународната конференција „Годишна средба на Мрежата за родово одговорен надзор врз буџетот и заедницата на практичари кои користат родово одговорно буџетирање“, којашто се одржува во Охрид.
– Со Дајан Елсон, емеритус професорка на Одделот за социологија при Универзитетот во Есекс, професорката Глорија Аларкон-Гарсија од Универзитетот во Мурсија, професорката Кристина Мишева од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Марија Ристеска, директорка на Центарот за истражување и креирање политики, разговаравме за улогата на родово-одговорното буџетирање во креирањето квалитетни јавни политики, како и за примената на науката и искуството на цивилното општество во процесот на одлучувањето и носењето добри одлуки – информира Сиљановска Давкова во објава на својот фејсбук профил.
За мене, потенцира претседателката, родово-одговорното буџетирање не е техничка категорија, туку нужност при утврдувањето на државните приоритети да се води сметка јавните трошоци да создаваат јавни вредности и да задоволуваат различни потреби на што поширок круг луѓе, кои припаѓаат на различни категории, а особено ранливите.
– Крајната цел на буџетирањето не е само родово-одговорен буџет, туку добар буџет, заснован врз докази, чувствителен на различните потреби, транспарентен, одговорен и способен да создава јавна вредност. Верувам дека најдобрите политики се раѓаат таму каде што науката, граѓанското општество и институциите не дејствуваат одвоено, туку ги обединуваат знаењето, искуството и институционалната одговорност, водени од заедничката заложба за подобро и поправедно општество – пишува претседателката во објавата, во која оценува и дека нема поголем доказ за извонредноста во работата на Мрежата и Заедницата од издавањето на публикацијата „Родово одговорното буџетирање во јужноевропски контекст“ од страна на престижната издавачка куќа Palgrave, Macmillan, чија уредничка е д-р Марија Ристеска.
август 25, 2026
