Connect with us

Вести

Ќе се испитува лекарска грешка по царскиот рез по кој 19 годишна жена остана неподвижна

Министерството за здравство денеска соопшти дека внимателно го следи случајот со 19-годишната пациентка која по царски рез направен во Клиничката болница во Штип останала парализирана.

– Со цел целосно, објективно и стручно утврдување на сите околности поврзани со лекувањето на пациентката, Министерството издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор. По добивањето на инспекцискиот наод и целокупната медицинска документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашниот тек на лекувањето и постапувањето на здравствените работници и установи вклучени во случајот, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Оттаму апелираат да не се изнесуваат предвремени заклучоци сè додека не завршат надлежните постапки.

– За утврдената фактичка состојба и за евентуалните натамошни мерки, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана, велат од Министерството.

„Слободен печат“ пренесе и изјава од министерот за здравство Сашо Клековски кој вели дека ќе се спроведе вонреден надзор во сите три болници каде се лекувала 19-годишната Станка Михајлова од село Баница бидејќи таа по вториот царски рез кој ѝ бил изведен во Штипската општа болница има параплегија – не може да оди и е во инвалидска количка. Покрај ова, како што вели Клековски, ќе наложи и стручен надзор, што значи дека експерти од областа на гинекологијата, неврологијата и урологијата ќе утврдат дали нивните колеги направиле грешка при царскиот рез од кои е настаната ваква тешка компликација.