Connect with us

Вести

Почетокот на падот на Самуиловото Царство: Битката кај Сперхеј

Слободан ИВАНОВ

Битката кај Беласица, според историчарите, се смета за одлучувачкиот миг за иднината и судбината на Самуиловото Царство, но падот на македонската средновековна држава почнал многу порано – кај реката Сперхеј кон самиот крај на Х век.

Судирот кај реката во близина на историскиот град Ламија во средишна Грција, имено, е првиот воен неуспех на цар Самуил. Според историчарот Стјепан Антољак и неговиот научен труд „Средновековна Македонија“, хроничарите Јован Скилица и Јахја Антиохиски не го запишале датумот, ни годината на битката, но историографијата ги сместува овие настани во временската рамка 995 – 997 година. Со тоа се согласува и проф. Александар Атанасовски. Инаку, сѐ почнало со успешниот поход и победата на Самуил и неговата војска кај Солун.

Кога Самуил се приближил кон градот, воениот управник на Солун, Григориј Таронит, првин го испратил својот син Ашот во извидништво. Младиот и неискусен Ашот многу лесно веднаш паднал во заробеништво по што Таронит решил да излезе и да му се спротивстави на напаѓачот на отворено поле. Во оваа битка ромејската војска е поразена, а самиот Григориј Таронит загинал. Со тоа Самуил освоил дел од околината на Солун – вториот најважен град во Ромејското Царство (Византија), веднаш по Константинопол.

Според Антољак, не се знае точно зошто Самуил не го нападнал Солун и продолжил со походите на југ – кон Пелопонез. Но познато е дека заробениот Ашот – синот на управникот на Солун, подоцна му станал зет на Самуил, т.е. се оженил со Мирослава – една од неговите ќерки, која се вљубила во воениот заробеник.

Така, и покрај победата и загинувањето на управникот Григориј Таронит, Самуил не го освоил Солун (не се ни обидел). Наместо да почне со опсада, Самуил продолжил со напади во Тесалија, Беотија, Атика и Пелопонез, при што неговите војници влегувале во населбите и собирале поголем плен.

По смртта на Григориј Таронит, Константинопол и царот Василиј II го назначиле магистерот Никифор Уран за архонт (намесник) на Западот испраќајќи го во Солун, т.е. врховен заповедник на областите завладеани од Самуил, кои Ромеите сѐ уште си ги сметале за свои провинции. Токму кога Самуиловите војници се враќале од тој воинствен поход кон грчките земји, Никифор Уран се залогорил во близина на логорот на Самуил – на споротивниот брег од реката Сперхеј.

Битката кај Сперхеј се случила ноќе, додека војниците на Самуил спиеле, а по големи дождови, кога реката била силно надојдена и се чинела непремостлива. Токму тоа, се согласуваат историчарите, го навело Самуил да помисли дека е безбеден. Никифор Уран, сепак, дознал за плиток премин, ја минал реката во текот на ноќта и ги изненадил противниците. Така Ромеите ѝ го нанеле првиот тежок пораз на Самуиловата војска. 

Во битката Самуил и неговиот син Гаврил Радомир биле тешко ранети. Според Скилица, тие се спасиле така што легнале меѓу загинатите преправајќи се мртви, а следната ноќ успеале да избегаат кон Македонија. 

Меѓу непосредните последици од овој тежок пораз, бил ударот врз Самуиловата воена моќ. Уништена била една негова искусна армија, а изгубен бил и пленот од походот кон југ. Мноштво Самуилови војници биле убиени, пишуваат хроничарите. Сепак, Самуиловата држава немала значителни загуби на територии. Можеби најзначајниот ефект е постепениот пресврт во поглед на воените успеси – во полза на Ромејското Царство. Иако Самуил и натаму владеел со својата земја и уште 17-18 години продолжил да се бори против Василиј II, поразот кај Сперхеј покажал дека ромејската војска сѐ уште (поточно, повторно) е способна да нанесува решителни воени удари, заклучува Антољак. Современите историчари токму затоа ја сметаат оваа битка за почеток на пресвртот што ќе кулминира со битката кај Беласица на 29 јули 1014 и ќе заврши со конечниот пад на Самуиловото Царство во 1018 година.