Вести
Д-р Тарабар: Едукацијата како до здрава цревна бариера – пат до многу помалку болести и многу помалку карциноми
Кога ќе успееме да ги научиме луѓето како да имаат здрава цревна бариера, ќе имаме многу помалку болести и многу помалку карциноми – порачува српскиот гастроентеролог, интернист и онколог проф. д-р Дино Тарабар.
Тарабар истакнува дека исхраната, пробиотиците и секојдневните животни навики имаат клучно влијание врз цревниот микробиом, а со тоа и врз целокупното здравје на човекот. Според него, сè повеќе научни докази покажуваат дека нарушувањето на рамнотежата меѓу добрите и лошите бактерии во цревата е поврзано не само со синдромот на нервозно црево (IBS) и воспалителните болести на цревата (IBD) туку и со низа други хронични заболувања.
Проф. д-р Дино Тарабар е српски гастроентеролог, интернист и онколог и еден од водечките регионални експерти за воспалителни болести на цревата и микробиомот. Во разговор објавен на поткастот „Здрава долговечност“ зборува за значењето на микробиомот, улогата на исхраната и пробиотиците, разликите меѓу IBS и IBD, како и за најновите истражувања што отвораат можност болестите да се откриваат повеќе години пред појавата на првите симптоми.
Тарабар посочува дека науката дури сега почнува да ја разбира вистинската улога на бактериите што живеат во човековиот организам.
– Денес на секои 20 минути излегува по еден научен труд што се занимава со микробиомот. Тоа само покажува колку науката е заинтересирана за оваа тема, но сè што досега знаеме е практично само загребување на површината. Јас дури очекувам во годините што доаѓаат да успееме некои работи навистина да ги испитаме до крај бидејќи не е лесно да се испитува микробиомот – вели Тарабар.
Тој објаснува дека микробиомот е составен главно од бактерии, но и од вируси, габи, паразити и други микроорганизми, при што човекот и бактериите живеат во заемна симбиоза.
Ние не можеме да преживееме ниеден ден без бактериите во себе. Тие се развивале многу пред да се појави човекот и денес живеат со нас во симбиоза – посочува Тарабар.
Според него, цревата претставуваат еден од најгустите екосистеми во природата, а бактериите имаат многубројни функции во организмот, вклучително и учество во метаболизмот на жолчните киселини, синтеза на витамини и поддршка на имунолошкиот систем.
– Бактериите не се таму без причина. Тие ги претвораат примарните жолчни киселини во секундарни, синтетизираат витамин К и витамин Б12, учествуваат во создавање имуноглобулини и физички се спротивставуваат на штетните бактерии. Во нашиот дигестивен тракт постојано се води борба меѓу доброто и лошото – нагласува тој.
Осврнувајќи се на факторите што влијаат врз составот на микробиомот, Тарабар потенцира дека најголемо значење има начинот на исхрана.
– Најдобриот начин на долг рок да влијаете врз микробиомот е храната. Добрите бактерии се хранат со растителни влакна, зеленчук и овошје. Затоа медитеранската исхрана што ја препорачуваме како најдобра антиинфламаторна исхрана се темели на влакна, без шеќери и без преработена храна – вели тој.
Како што дополнува, современиот начин на живеење, прекумерната употреба на антибиотици, индустриски преработената храна, пушењето и алкохолот придонесуваат за нарушување на рамнотежата меѓу добрите и лошите бактерии.
– Ако ги храните лошите бактерии со шеќери, процесирана храна и засладени газирани пијалаци, ќе ги храните своите непријатели и ќе ги губите добрите бактерии. А губењето на добрите бактерии значи и губење на нивните функции – додава Тарабар.
Тој предупредува и на значењето на секојдневните навики за здравјето на микробиомот.
– Тие бактерии сакаат да се одмораат, а ние сакаме да јадеме доцна навечер. И тие бараат свој ритам на работа и одмор. Вие постојано им го нарушувате тој ритам – посочува тој.
Во однос на пробиотиците, Тарабар смета дека тие имаат своја улога, но дека нивната корист често се преценува. Според него, не е реално да се очекува дека неколкудневна употреба на пробиотици ќе доведе до трајна промена на цревниот микробиом.
– Луѓето мислат дека пијат пробиотици неколку дена и дека со тоа е решен проблемот. Тоа така не оди. Пробиотикот треба да се зема долго за да се одржи неговиот ефект – вели Тарабар.
Тарабар прави јасна разлика меѓу синдромот на нервозно црево (IBS) и воспалителните болести на цревата, како што се Кроновата болест и улцеративниот колитис.
– Со години се сметаше дека IBS е болест на хистерични жени. Кога не знаеме која е причината, велиме: тоа ти е сè од главата. Тоа не е точно – вели тој.
Според него, денес сè повеќе докази укажуваат дека кај голем број пациенти IBS се јавува по претходна цревна инфекција или труење со храна, а во неговата основа најчесто стои нарушен однос меѓу бактериите во цревата.
Додава дека пациентите може да имаат сериозни симптоми и покрај тоа што лабораториските анализи покажуваат уредни вредности.
– Ќе направите лабораторија кај тие луѓе и сè ќе биде нормално. CRP е нормален. Калпротектин – нормален. Крвната слика е нормална. Анализите изгледаат совршено, а пациентот има сериозни тегоби. Симптомите на IBS најчесто вклучуваат болки во стомакот, надуеност, дијареја, запек или комбинација од овие состојби. За разлика од него, воспалителните болести на цревата имаат поинаков механизам на настанување и може да доведат до значајни оштетувања на цревната слузница. Тоа не е класична автоимуна болест. Тоа е претеран воспалителен одговор на одредени бактерии – вели Тарабар.
Според него, за развој на ваквите заболувања потребна е комбинација од повеќе фактори.
– Потребни се три работи: надворешен фактор, најверојатно бактерија, генетска предиспозиција и претеран воспалителен одговор. Кога тие три работи ќе се совпаднат, настанува воспалителна болест на цревата – посочува тој.
Тарабар смета дека упорните дигестивни тегоби не треба да се игнорираат. Болки во стомакот, хронична надуеност, проливи, долготраен запек, крв во изметот, ненамерно слабеење или промени во вообичаениот ритам на празнење на цревата се симптоми што бараат консултација со гастроентеролог.
Во случај на сомнеж за воспалителна болест на цревата, како што вели, пациентите треба навремено да бидат упатени во специјализирани центри, каде што со колоноскопија и дополнителни испитувања може да се постави точна дијагноза и да се почне соодветен третман.
Според најновите истражувања на кои се повикува Тарабар, промените во микробиомот може да се забележат повеќе години пред да се појават симптомите на болеста.
– Најдовме феноменални докази дека бактериите што произведуваат бутерат и ја чуваат цревната бариера исчезнуваат дури седум години пред појавата на Кронова болест или улцеративен колитис – вели тој.
Токму затоа, додава Тарабар, иднината на медицината е во откривање на ризикот и во интервенирање пред болеста воопшто да се развие.
– Мислам дека иднината е во тоа преку анализа на крв и измет да ги препознаеме луѓето што се на пат да развијат болест уште пред да се појават симптомите. Тогаш ќе можеме да интервенираме во претклиничка фаза и да спречиме болеста воопшто да се развие – оценува Тарабар.
Тој смета дека подоброто разбирање на микробиомот и грижата за здравјето на цревата ќе имаат значајна улога во превенцијата на хроничните заболувања и подобрувањето на квалитетот на животот.
– Кога ќе успееме да ги научиме луѓето како да имаат здрава цревна бариера, ќе имаме многу помалку болести и многу помалку карциноми – порачува Тарабар.
јули 25, 2026
