Вести
Сиљановска-Давкова: Боли егзодусот на најдобрите лекари, да ја препознаеме и признаеме нивната извонредност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свеченото одбележување на 80-годишнината од постоењето на Македонското лекарско друштво, што вчеравечер се одржа во Македонскиот народен театар во Скопје.
Таа упати честитки по повод значајниот јубилеј и потсети дека улогата на Македонското лекарско друштво, како претходник на Медицинскиот факултет, зачетник на медицинската едукација и иницијатор и основач на Лекарската комора, е важен дел од историјата на здравствениот систем во државава.
За неа, јубилејот означува осум децении макотрпна и посветена работа, континуирана, силна поддршка на здравството и на лекарската професија, храбра борба за поздрави граѓани, за функционална и ефикасна здравствена заштита, за пристојно здравство.
Сиљановска-Давкова истакна дека егзодусот на најдобрите лекари, медицински сестри и друг медицински кадар е тешка општествена болест и укажа на итната потреба од негово лекување, преку одлучна битка за задржување на најдобрите дома, во македонските здравствени установи како нејефикасен здравствен процес за надминување на опасната криза на недостиг на кадар, нужен за подобрување на нарушеното здравје на нацијата.
Според неа, мора да знаеме дека здравјето не цвета во разорено и дезорганизирано општество, ниту во партизиран и политизиран здравствен систем во којшто, прети опасност да зацарува профитната логика, па здравствената услуга да се купува и продава, пациентите да не се третираат како личности, а некои лекари да ја заборават светата Хипократовата заклетва.
„Здрави граѓани се раѓаат и развивааат во здрави држави и здрави општества, во коишто болеста се превенира со здрав животен стил во здрава животна средина, со загарантирана здравствена и социјална заштита, со посебна грижа за децата и за семејството, но и со адекватен здравствен работен амбиент”, рече таа.
За претседателката, лекарската професија останува најпочитуваната, најхумната, најпосакуваната.
Таа им упати длабока благодарност на сите лекари за секој спасен живот, секоја победена болест, секој излекуван пациент и изрази восхит кон нив за решеноста и способноста стоички и достинствено да го носат товарот на професијата.

Во продолжжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката.
Почитуван претседател на Македонското лекарско друштво,
Почитувана министерке,
Почитувани членови на Македонското лекарско друштво,
Почитувани гости,
Дами и господа,
Срдечно ви го честитам големиот јубилеј, 80 години од формирањето на Македонското лекарско друштво.
Осумте децении старост за мене означуваат осум децении макотрпна и посветена работа, учење, оценување, преиспитување, но и носат знаење, искуство, хуманост и мудрост.
Осумте децении се континуирана, силна и храбра поддршка на здравствениот систем и на медицинската професија.
За мене, вие осум децении се борите за подобро здравје на граѓаните, за подобра организација на здравството, за подобри услови на лекување.
Осум децении вашите претходници и сите генерации лекари дискутираат, дебатираат, менуваат, усовршуваат, реформираат, испитуваат, преиспитуваат, планираат, трагајќи по најдобриот, најефикасниот, најквалитетниот, најуспешниот модел на здравствена заштита од којшто пациентите очекуваат подобро здравје, а лекарите веруваат дека нема болест што не можат да ја победат!
Во долгата и богата историја на Македонското лекарско друштво оставиле трага илјадници лекари како активни и лојални членови коишто со поддршка или критика на оние што го воделе, целеле кон усовршување и унапредување на здравството и нашето здравје.
Историјата на Македонското лекарско друштво, според мене, е важен дел од историјата на здравствениот систем на Македонија. Длабоко верувам дека улогата на Друштвото никогаш не била само организациска, туку и образовна, научна и реформска, хумана и етичка!
Не случајно, Македонското лекарско друштво е претходник на Медицинскиот факултет и зачетник на медицинската едукација, зашто токму од неговите редови произлегол првиот наставен кадар!
Не случајно, Македонското лекарско друштво е иницијатор и основач на Лекарската комора, но и активен субјект во унапредувањето на законската и професионалната рамка за работа на лекарите.
Во изминатите 80 години, Македонското лекарско друштво изгради јасна стратегија: вложување во највредното – човечкиот капитал, поттикнување и развој на научната мисла, вмрежување во светските медицински текови. Вложувањето во медицинската наука и струка не е само професионална потреба, туку и преземање голема општествена одговорност.
Доказ за тоа е активното долгогодишно членство на Македонското лекарско друштво во Светската медицинска асоцијација, во Европскиот форум на лекарски асоцијации, како и преку специјалистичките здруженија во над 80 меѓународни професионални организации.
Почитувани,
Здравствената заштита е темелот и столбот на едно општество. Нема здрава нација, без навремена, сигурна и соодветна грижа за пациентите, овозможена во соодветни и подготвени здравствени установи, но и стручен, професионален и етички персонал. Не случајно, дефиницијата на Светската здравствена организација за здравјето гласи: „Здравјето е состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест или на телесни недостатоци“. Здравјето, јас знам дека не цвета во разорено и дезорганизирано општество, ниту во партизиран и политизиран здравствен систем во којшто се купува и продава, бара и дава, кадешто пациентите понекогаш не се личности, а лекарите, за жал некогаш, во ретки случаи, не се водат од Хипократовата заклетва! Здрави граѓани се раѓаат и виреат во здрави држави и здрави општества во коишто болеста се превенира со здрав животен стил во здрава животна средина, со загарантирана здравствена и социјална заштита, со посебна грижа за децата и за семејството, но и со адекватен, ххуман работен амбиент. Квалитетен и посветен здравствен кадар, нам, политичарите, мора да ни биде јасно дека не се раѓа, туку се одгледува со добро образование, со строга селекција на најдобрите, со континуирано вложување во нив, со постојано усовршување, но и со соодветно вреднување на вашиот труд.
Драги пријатели,
Да се биде лекар за мене е повеќе од професија. Тоа е повик, обврска што не престанува ни кога завршува работното време на другите, ни кога ќе се изгасат светлата во болничките ходници. И сама сум сведочела на ова. Да се биде лекар значи да се биде чувар на животот, победник над болеста, па дури и над смртта, волшебник којшто ве извлекува од мракот и ве води кон светлината, глас што ви влева надеж во неможното. Лекарот за мене е совршено суштество, но и за другите, за пациентите некогаш божји пратеник.
Признавам, како и многу други деца, така и јас како девојче мечтаев да станам лекарка. Како гимназијалка, оваа моја желба ја стимулираше мојата професорка по литература, Вера Давчева, чијшто сопруг беше познат лекар. Не бев осамена во желбите: неколку одлични соученички, меѓу кои и мојата главна конкурентка, ваша колешка, професорката Маргарита Балабанова, меѓутоа сеуште ја почитувам, делеа слични мечти со мене за најубавата и најхуманата професија, ние велевме професијата над професиите, вашата – медицината.
Но, во последен момент го сменив ставот. И покрај мојата огромна желба и отворениот пат, се исплашив дека мојата емотивност ќе предизвика да плачам кога не смеам да плачам, да соччувствувам и да страдам со пациентите и тоа да се одрази на мојата работа, и со нивните најблиски, што мислев дека може да се одрази на мојот професионален капацитет. Се излажав, ама доцна е.
Се разбира, се определив за правото, но признавам пред сите вас дека многу често ми летаа и сеуште ми летаат мислите кон медицината.
Можеби затоа, признавам, имам восхит кон вашата професија и кон вас и кон вашата способност стоички и достоинствено да го носите товарот на лекарската професија, мирно да постапувате кога стоите пред Рубикон! Ви се дивам оти вие, мојот страв го заменивте со надеж и решеност! Од вас, сеуште верувам како дете, дека се плаши секоја болест и тогаш бега од пациентот!
Ме боли егзодусот на најдобрите лекари и на другиот медицински персонал. Посакувам да ја препознаеме и да ја признаеме вашата извонредност. Посакувам да останете овде и да помогнете во нерамноправната битка за здрави граѓани и за здрава нација!
Почитувани, осумдесет години историја се цврст темел врз којшто мораме да градиме здравствен систем што ќе ја препознае и ќе ја допише вашата медицинска приказна.

Наша, и моја обврска е да создадеме услови младите лекарки и лекари да ја гледаат својата иднина тука, дома, лекувајќи нè нас. Признавам, ушт еднша, за мене, вашата професија е најценетата, најпочитуваната, најсаканата, мојата неостварена желба.
Во време на глобални предизвици, конфликти и војни, кога животот не се цени, вашата улога е поважна од било кога. Болестите, за жал, се множат со брзина на светлина, вештачката интелигенција носи нови, невидени можности, но и искушенија и незамисливи закани. Во овој човечки хаос, вашиот морал, вашата етика и вашата хуманост се најсилниот бедем на нашето општество. Вие сте, за мене, првата и последната линија на одбрана не само од болестите, туку и од стравот, од неизвесноста и од загубата.
Затоа, дозволете ми, како несудена лекарка, да ви упатам најискрена благодарност: за секој спасен живот, за секоја победена болест, за секој излечен пациент, за часовите коишто сте ги жртвувале, за деновите кога сте работеле додека другите славеле, за ноќите кога сте бдееле будни за да не згасне ничиј живот и нечиј живот.
Вие сте за мене срцето на македонската држава. Вие сте за мене крвотокот којшто ѝ дава сила. Вие сте кислородот без којшто не може да опстанеме. Како што правилниот пулс е знак за здрав организам, така и здравите граѓани се доказ за силна држава. Ние, правниците, велиме: Salus populi suprema lex esto – Здравјето на народот е највисокиот закон.
Оваа годишнина нека биде не само сеќавање на минатото, туку и поттик за поубава иднина во која нема да имаме дилеми за здравството какви што имавме и сеуште имаме во поглед на некои случаи. Нека ве охрабри да продолжите со истата страст и хуманост, нека ве исполни со гордост, но и со верба во вашата благородна мисија.
Уште еднаш, од срце ви го честитам јубилејот – 80 години Македонско лекарско друштво! За мене денеска денот беше посветен и полн со мисли за вашата мисија и навистина не знам колку пати зажалив што не сум ја одбрала вашата професија. Ви завидувам.
Благодарам.
септември 14, 2025