Кошарка
Вруцис: По 19 години Атина повторно станува центар на европската кошаркарка

Атина повторно станува центар на европската кошарка, по 19 години! Фајналфорот на Евролигата се враќа во ОАКА, каде што во 2007 година доживеавме незаборавни моменти. Грчката Влада веруваше, се залагаше и на крајот успеа да ја добие организацијата на овој врвен кошаркарски настан, што ќе се одржи од 22 до 24 мај 2026 година, порача заменик-министерот за спорт на Грција Јанис Вруцис откако беше соопштено дека грчката метропола ќе биде домаќин на Ф4 на Евролигата, јави дописничката на МИА од Атина.
Вруцис во неговата изјава нагласи дека Олимпискиот спортски центар повторно ќе блесне, „пречекувајќи ги четирите најдобри екипи во Европа“, а се осврна и генерално на кошарката во земјата, со оглед на тоа што Грција по вчерашната победа над Литванија обезбеди место во полуфиналето на Европското првенство.
– Грција се враќа динамично, натпреварувачки и организациски. Големите спортски настани повторно нè ставаат во центарот на вниманието и отвораат нови патишта за успех. Сите се надеваме дека повторно ќе ја видиме нашата репрезентација на пиедесталот на Евробаскетот во Рига, Летонија, а желба на сите нас е и двете наши екипи да бидат во Фајналфорот во Атина. Нашата земја повторно е протагонист, порача Вруцис.
Атинскиот градоначалник Харис Дукас преку социјалните мрежи истакна дека „празникот на европската кошарка се враќа во Атина“ и дека е голем успех за земјата и градот што во мај следната година ќе бидат домаќин на четирите најдобрите европски екипи.
– Убедени сме дека Фајналфорот во Атина ќе биде најуспешниот во последните години, нагласи Дукас.
За организација на Фајналфорот во 2026 година се бореа Атина и Белград, а грчката метропола доби осум гласа „за“, наспроти три колку што доби српскиот главен град.
Натпреварите ќе се играат во реновираната олимписка спортска сала што сега го носи името „Telekom Center Arena“ и ја користи Панатинаикос за натпреварите на домашен терен, а има капацитет да прими 18.000 гледачи.
Фајнлфорот на Евролигата по четврти пат ќе се одржи во Грција, откако во 1993 година домаќин беше салата „Мир и пријателство“ во Пиреа, во 2000 година се одржа во салата „Пилеја“ во Солун, а натпреварите во 2007 година беа во ОАКА во Атина, каде што Панатинаикос ја освои европската титула.
септември 11, 2025