Connect with us

Вести

Мисајловски на одбележување на Денот на Воената академија: Создаваме врвен офицерски кадар способен да одговори на современите безбедносни предизвици

Ова е ден кога им оддаваме признание на генерациите питомци, кои своето образование го минале токму тука, на офицерите и на професорите, кои со својата работа, знаење и посветеност ја граделе и ја унапредувале Воената академија како еден од најзначајните столбови на македонскиот одбранбен систем – рече министерот Владо Мисајловски на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје.

Мисајловски истакна дека изминатите две години на Академијата се реализирани значајни проекти, кои се инвестиција во идните генерации офицери и дека во идниот период ќе се продолжи со инвестирање во современо образование преку реновирање објекти, изградба на воен музеј и воспоставување лабораторија за напредни информациски технологии.

– Повеќе од јасно е дека денес безбедноста не се брани само на терен. Таа се брани и во киберпросторот, во сферата на информациите, преку научните истражувања, технолошките иновации и меѓународната соработка. Токму затоа во финална фаза е акредитирањето на новата студиска програма за кибербезбедност и дигитална форензика, како и реакредитацијата на постојните студиски програми за командно-штабна академија, безбедност и одбрана, кибербезбедност и кризен менаџмент – потенцира министерот.

Додаде дека Воената академија е препознаена и надвор од границите на државата и дека знаењето создадено на Академијата е почитувано во рамките на НАТО и меѓународната академска заедница.

Деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, порача дека Воената академија претставува единствена високообразовна научна институција, која во својата организациска и функционална поставеност зазема посебно место во националниот образовен и одбранбен систем. Тој посочи дека Академијата активно работи на унапредување на военото образование и на реализација на повеќе значајни развојни проекти за кои има силната поддршката од Министерството и министерот Мисајловски.

– Воената академија има света мисија – да создава кадар што ќе ги чува безбедноста, суверенитетот и угледот на Македонија, но и достоинствено ќе ги брани нејзиниот јазик, идентитетот и историската вистина. Наша обврска е да изградиме силни институции, образовани и чесни генерации и држава што ќе биде почитувана. А тоа почнува токму тука – со знаењето, дисциплината и патриотизмот што се вградуваат во секој питомец и студент на Воената академија – порача полковникот Танески.

На денешната свеченост присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-министерот Адмир Шабани, гости од воено-дипломатскиот кор, од Армијата и од Министерството за одбрана. 

Ad
Ad