Connect with us

Култура

„Охридски преданија од иднината“ – научнофантастична визија за Охрид на проф.д-р Aнис Сефиданис

Во Прличевата одаја на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид денеска беше промовирана книгата „Охридски преданија од иднината“ од проф.д-р Aнис Сефиданис, македонско-англиско издание што преку научнофантастични раскази нуди визија за Охрид во далечна иднина.

Книгата е инспирирана од охридските преданија, културното наследство, езерото, старите локалитети, традициите и соживотот, поврзувајќи ги со мотиви од вештачката интелигенција, роботиката, холографијата и футуристичките визии за иднината на човештвото.

На промоцијата беше посочено дека изданието е продолжение на истоимениот проект и претставува обид преку научнофантастични раскази да се создаде поинаква слика за Охрид – не само како град на богатото минато, туку и како град со своја визија за иднината…

– Во расказите се обработуваат современи теми поврзани со екологијата, здравството и образованието, а новите технологии се претставени како дел од секојдневниот живот и како можност за надминување на современите предизвици, рече Сефиданис.

Книгата е објавена паралелно на македонски и англиски јазик со цел да придонесе за промоција на македонскиот јазик и на Охрид пред меѓународната публика.

– Охрид не е само град со богато културно и историско наследство, туку и град што има своја визија за иднината. Тој не само што памети, туку знае и да сонува…, посочи авторот на промоцијата.

Проектот е реализиран во соработка со тимот на Сефиданис, студенти од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ и современи модели на вештачка интелигенција. Дел од илустрациите во изданието се создадени со помош на вештачка интелигенција, како пример за современ пристап во создавањето книжевни и визуелни содржини.

Книгата ќе биде достапна во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, како и во книжарници низ државата.

Ad
Ad