Connect with us

Хроника

Запален автомобилот на Чомбе, вели дека не добивал никакви закани

Автомобилот на претседателот на градската организација на СДСМ за Скопје и поранешен директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски синоќа бил целосно опожарен. Во пожарот, како што информираат од МВР, биле зафатени уште две возила.

Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

-Денеска (09.09.2025) во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Иван Козаров“ во Скопје било опожарено патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ѓ.Г.(43) од Скопје, а од пожарот биле зафатени уште две патнички возила „опел“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Е.К.(30) од Скопје и „форд“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.М.(47) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита, а повредени лица нема, се вели во билтенот на МВР. 

Информацијата ја потврди и Галетановски на социјалните мрежи, посочувајќи дека „ниту е скаран со некој, ниту некој му се заканувал“.

-Да, возилото мое е изгорено целосно. Ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал, нити наштетил. Сум помагал и ќе помагам на кого можам секогаш. Секоја чест на пожарникарите, што пристигнаа за три минути, и пламенот не ги зафати куќите. Апелирам до министерот, и до Министерство за внатрешни работи и надлежните најскоро да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, поради мирен живот во Скопје, и цела држава. Има и сејф сити и камери окулу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен, напиша Галетановски на својот Фејсбук профил.