Свет
Трамп вели дека среднорочните избори во САД се најважните „во нашите животи“
Американскиот претседател Доналд Трамп во својот последен говор од кампањата пред американските гласачи пред денешното гласање, изјави дека среднорочните избори, што ќе ја одредат контролата врз Конгресот до крајот на неговиот мандат во Белата куќа, се најважните „во нашите животи“, јави ДПА.
Трамп предупреди дека актуелниот претседател „не победува на среднорочните избори“, во очигледен обид да ги смири очекувањата, иако додаде дека „се потрудивме многу“.
Американскиот претседател повторно ги нападна своите демократски противници, нарекувајќи ги екстремисти и тврдејќи дека партијата „ја номинирала најекстремната и најопасната листа на кандидати во историјата на САД“.
Голем дел од својот говор го посвети на градежни проекти во Вашингтон.
Претседателот на САД, исто така, ги истакна своите планови за изградба на триумфална капија што би била „поубава“ од Триумфалната капија во Париз, но која веќе предизвика правни спорови.
Милиони гласачи во САД денеска ќе се упатат кон гласачките места на избори за Конгресот, кои се сметаат за референдум за достигнувањата на Трамп.
Многу Американци веќе гласаа на среднорочните избори, кои се најскапите во историјата на САД.
Иако се предвидува дека демократите ќе ја вратат контролата врз Претставничкиот дом од републиканците, битката за контрола врз Сенатот останува тесна, јави ДПА.
ноември 4, 2026


