Вести
Поранешниот претседател, Иванов: Да го чуваме и градиме сето тоа што го имаме, тоа е нашата татковина, една и единствена
Поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со своја објава на социјалните мрежи, го честиташе 11 Октомври. Во неговата честитка, која интегрално ја објавуваме, се вели:
„Почитувани граѓани на Република Македонија,
Годинава одбележуваме 85 години од 11 Октомври 1941 -та, од денот кога македонскиот народ се дигна на востание за ослободување на Македонија од нацистичкиот и фашистичкиот окупатор.
Нашите храбри борци и херои се впуштија во борба, за да ни ја донесат слободата и сонот за формирање на македонска држава.
Преку оваа борба, нашиот народ на најдобар можен начин го покажа и докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава. Токму со 11-ти Октомври и НОБ, застанавме на страната на антифашистичката коалиција. Македонските граѓани сплотени и заеднички знаеа да го изберат доброто, наспроти злото, правдата наспроти неправдата и непоколебливо и цврсто да застанат против фашизмот како едно од најголемите зла во човечката историја.
Затоа, како што се изборивме за слободата, државноста и независноста, така денес треба да се бориме за чување на придобивките и градење на просперитетна иднина за нашите потомци.
На овој голем празник, уште еднаш да се потсетиме и да им се заблагодариме на сите наши херои кои учествуваа во остварувањето на стремежот за слобода, државност и независнот. Нам ни останува да го чуваме и градиме сето тоа што го имаме. Тоа е нашата татковина, една и единствена Република Македонија.
Нека ни е честит и вековит 11ти Октомври!
Да живее Република Македонија!
д-р Ѓорге Иванов“


