Вести
Мицкоски: Доста беше со изгубени можности и мали амбиции, време е за нова национална самодоверба
Политичките разлики не смеат да бидат посилни од заедничката одговорност за државата, потребно ни е национално единство околу големите стратешки цели. Доста беше со изгубени можности и мали амбиции, време е за нова национална самодоверба, татковината е создадена да напредува и да победува, порача во говорот претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на свечената академија во Куманово по повод Денот на народното востание – 11 Октовмри.
Тој посочи дека следува деценија на промени, иднината не смее да се троши на оправдувања. Како што кажа, претседателот на Владата, потребни се реформи, инфраструктура, инвестиции, силно здравство, институции кои им служат на граѓаните.
-Нашата татковина е поголема од секоја партија и секоја влада. Политичките разлики не смеат да бидат посилни од заедничката одговорност за државата. Потребно ни е национално единство околу големите стратешки цели. Пред нас е деценија на големи промени. Не смееме да ја трошиме иднината на оправдувања. Потребни се реформи, инвестиции, инфраструктура, современо образование, силно здравство и институции што ќе им служат на граѓаните. Нашите предци не ни оставија слободна држава за ние да се плашиме од нејзината иднина. Ни ја оставија за да имаме храброст да ја градиме. Слободата што ја наследивме не е наша заслуга. Но државата што ќе ја оставиме зад нас ќе биде наша одговорност, нагласи Мицкоски.
На 11 Октомври не се одлучувало само како ќе се живее утре, туку вели премиерот, се одлучувало дали идните генерации ќе имаат право сами да одлучуваат за својата судбина.
Еден ден, рече премиерот нашите деца нема да нè прашуваат колку силно сме зборувале за државата, туку ќе прашуваат каква татковина им е оставена.
Осврнувајќи се на историјата, претседателот на Владата, кажа дека предците имаа храброст да се изборат за држава.
-Ние мора да имаме мудрост да ја зачуваме, сила да ја развиеме и одговорност да ја предадеме на идните генерации посилна отколку што ја наследивме. И мора секој еден да знае дека алтернативната на оваа наша борба е пукање на последната брана кон непринципиелни политики против кои се бориме. Или принципи, или тие со нивната трговија. Или силна татковина или држава на продажба. Тоа е изборот. Татковината не е создадена за да биде заробеник на нивните слабости. И ќе ги сушнете за се да зборат, само од една работа бегаат, а тоа е народот- кажа премиерот.
Претседателот на Владата, Мицкоски кажа дека предците се изборија за слобода, генерацијата на независноста создаде суверена држава, а сегашната генерација има обврска да создаде успешна, економски силна и достоинствена држава. Тој порача дека е доста со поделби, изговори.
-Доста беше со поделби. Доста беше со изговори. Доста беше со изгубени можности и мали амбиции. Време е за големи одлуки. Време е за големи дела. Време е за нова национална самодоверба. Татковината е создадена за да се развива, да напредува, да создава и да победува. Не да победува други народи, туку да ги победи сиромаштијата, корупцијата, неправдата, поделбите и иселувањето- кажа Мицкоски.
Во говорот кажа дека предците ни ја оставиле слободата, генерациите на родителите-независноста, а сега за децата треба да се остави успешна држава. Пред осумдесет и пет години, додаде премиерот, зборвајќи за историското значење, во една од најтешките ноќи на историјата, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото, но како што кажа, знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро, посочувајќи дека тие немале гаранција дека ќе победат и сигурност дека ќе се вратат во домовите. Тие, како што рече немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе, но истакана имале нешто посилно од стравот- верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот.
Во говорот, премиерот праша, што ќе кажат идните генерации за времето во кое живееме, дали се „плашеле од предизиви, одложени одлуки, дали е дозоволено поделбите да бидат посилни од заедничката иднина, или ќе кажат дека токму во наше време државата нашла сила да оди напред, дека е зачувана зацврстени се нејзините институции, создадени се можности за идните генерации“. Тој истакна дека историјата не памети по зборови, туку по оставените дела.
-И затоа, денес, од ова место, сакам да испратам неколку пораки. Тука сме родени. Ова е земјата за која што сме одговорни. Таа е во споменот на оние кои ги положиле своите животи за слободата. Во рацете на работникот кој секое утро тргнува на работа. Во надежта на земјоделецот кој ја обработува својата земја. Во знаењето на наставникот кој ги подготвува идните генерации. Во пожртвуваноста на лекарот кој спасува човечки живот. Во соништата на секое дете кое заслужува да расте во сигурна, достоинствена и просперитетна држава. Не само во минато што го почитуваме, туку сегашност за која одговараме и иднина што заедно ја оставеме- кажа премиерот.
Тој порача дека предците ја отвориле вратата на слободата, а сега-должност е таа врата никогаш да не се затвори и да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено. 11 Октомври, порача премиерот нека не биде само ден на сеќавање, туку ден на нова одговорност, да се чува слободата.
-Затоа што слободата не е завршена приказна. Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи. И кога еден ден нашите деца ќе погледнат назад кон ова време, нека можат со гордост да кажат-тие не се откажаа, тие не ја изгубија надежта, тие не заборавија од каде доаѓаат. И имаа храброст да одлучат каде сакаат да стигнат. Нашите предци ни ја оставија Македонија како завет. Ние им ја должиме на нашите деца како иднина. Нека е вечен споменот, на броците за слобода, нека е честит 11 Октовмри, нека е вечна и Бог да ни ја благослови Македонија – честиташе премиерот.
Програмата ја проследија бројни делегации од државата и преставници од дипломатскиот кор.
октомври 11, 2026


