Свет
Кибер-напади во Јапонија ги загрозија податоците на милиони корисници
Кибер-напади врз повеќе јапонски компании потенцијално ги загрозија податоците на десетици милиони корисници, додека јапонските власти истражуваат дали инцидентите се меѓусебно поврзани.
Само оваа недела, инциденти пријавија „Даива Секјуритис“, „Џи-Ем-Оу Рисрч“, „Ракутен Драјв“, медиумската група „Никеи“ и синџирот ресторани „Јакинику Кинг“, пренесува „Џапан тајмс“.
Компанијата „Парк24“ соопшти дека во нападот биле загрозени 6,6 милиони кориснички сметки. Компанијата „Џи-Ем-Оу Рисрч“ наведе дека нападот врз нејзиниот сервис за анкети можел да опфати речиси 950.000 корисници, додека „Моногатари“, сопственик на синџирот „Јакинику Кинг“, соопшти дека податоците на околу 10 милиони кориснички сметки биле изложени на неовластен пристап.
Главниот секретар на јапонската влада, Минору Кихара, рече дека засега не е познато дали нападите се меѓусебно поврзани.
– Работиме на согледување на вкупните размери на штетата, анализирајќи ги методите и трендовите на нападите – рече Кихара.
Владата им препорача на граѓаните да не користат исти лозинки на повеќе сервиси, да вклучат повеќекратна автентикација и да бидат внимателни при отворање линкови.
октомври 9, 2026


