Свет
Француски рибари блокираат поради цените на горивата и лошите услови за работа
Десетици рибари блокираа денеска складиште за нафта во Фо сир Мер, во департманот Буш де Рон, во знак на протест против зголемувањето на цените на горивата и влошувањето на условите за работа.
Блокадата на излезот од нафтениот терминал започна утрово во три часот, а околу 50 цистерни останаа во застој, објави префектурата.
Како што е наведено, не се пријавени инциденти.
Претставничката на рибарите, Анж Натоли, изјави дека демонстрантите бараат средба со француската министерка за рибарство, Катрин Шабо. Неколку десетици рибари демонстрираа вчера во Сет и Порт-Вандре. Во Сето, делегација од претставници на синдикатите беше примена во префектурата, но „не доби одговори на нашите барања“, изјави претседателот на регионалниот комитет Окситанија, Бернар Перез, предупредувајќи дека „движењето ризикува ескалација“.
Регионалните комитети за рибарство на Окситанија, Паке и Корзика, трите организации на медитерански производители и синдикатите на морнарите вчера започнаа заеднички протест, кој, како што наведоа во соопштението, „ќе продолжи се додека не се дадат конкретни одговори на главните барања на професијата“.
Рибарите посочуваат на „континуираното влошување на условите за работа“, особено поради „растот на оперативните трошоци и горивото“, но и поради „зголемените административни и регулаторни ограничувања“. Според владините податоци, Франција е втор најголем производител на рибни производи во Европа, веднаш зад Шпанија, со 477.000 тони риба и школки уловени во 2024 година, еден процент повеќе отколку во 2023 година.
септември 16, 2026
