Свет
ОН: Повеќе од 8.500 напади врз образованието во светот за две години
Повеќе од 8.500 напади врз образованието се регистрирани ширум светот во текот на последните две години, соопштија Обединетите нации по повод Меѓународниот ден за заштита на образованието од напади, кој се одбележува денеска.
Според податоците на ОН, во текот на последните две години се пријавени 8.566 напади врз образовни установи, ученици и наставници, во споредба со околу 6.000 напади колку што беа пријавени во текот на 2022 и 2023 година.
Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО) соопшти дека само во текот на 2025 година ОН верификуваше 1.680 напади врз училишта, што претставува зголемување од 33 проценти во однос на 1.265 такви напади во текот на 2024 година.
Се проценува дека образованието на околу 258 милиони деца и адолесценти ширум светот е загрозено поради различни кризи, додека 93 милиони од нив воопшто не посетуваат училиште.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за заштита на образованието од напади, порача дека сите страни во конфликтите мора да ги запрат и спречат нападите врз училиштата и другите образовни установи, да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од меѓународното право и да обезбедат одговорност на сторителите.
Гутереш ги повика државите да вложуваат во образованието на секое дете и целосно да ја поддржат и применуваат Декларацијата за безбедни училишта.
Меѓународниот ден за заштита на образованието од напади го воспостави Генералното собрание на ОН со Резолуцијата 74/275, која беше усвоена на 28 мај 2020 година, кога 9 септември беше прогласен за ден за негово годишно одбележување.
УНЕСКО и Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ) се одредени за координатори на годишното одбележување, чија цел е подигање на свеста за положбата на децата, наставниците и образовните заедници во подрачјата погодени од вооружени конфликти.
Темата на одбележувањето на Меѓународниот ден за заштита на образованието од напади оваа година е „Може ли образованието да ги преживее нападите? Отпорноста на човечките заедници“, а по повод денешниот ден во седиштето на УНЕСКО во Париз ќе биде претставена инсталацијата „Премин“, која го прикажува растот на бројот на напади врз училиштата и укажува на потребата од заштита на образованието во кризи и вооружени конфликти.
септември 10, 2026
