Connect with us

Економија

Седум милиони денари поддршка за иновации и стандарди во преработувачката индустрија

Министерството за економија и труд објави два нови јавни повици со вкупна финансиска поддршка од седум милиони денари, наменети за унапредување на конкурентноста на домашните компании од преработувачката индустрија.

– Нашата определба е јавната поддршка да ја насочуваме кон мерки што создаваат долгорочна вредност за компаниите и економијата. Со овие два јавни повици обезбедуваме вкупно 7 милиони денари за преработувачката индустрија, со фокус на иновациите, знаењето, новите технологии, стандардите и поголемата конкурентност. Сакаме домашните компании да бидат посилни, помодерни и подобро подготвени за настап на европските и светските пазари – информира министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на денешната средба со медиумите.

Првиот повик, со буџет од пет милиони денари, е наменет за зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите преку заеднички проекти во областа на истражувањето, развојот, иновациите, трансферот на знаење и технологии, интернационализацијата и паметната специјализација. Министерството обезбедува 70 проценти од докажаните трошоци, но најмногу до 500.000 денари од барател.

Вториот повик, со буџет од два милиони денари, е наменет за надоместување дел од трошоците за набавка, имплементација и сертификација на хоризонтални и други стандарди, вклучително и извештаи за ESG-практики и стандардот ESRS. И по овој повик, Министерството покрива 70 проценти од докажаните трошоци, но до 200.000 денари од барател.

– Со вториот повик сакаме да им помогнеме на компаниите да ги подигнат своите стандарди и да ги исполнат современите барања на пазарите. Денес, конкурентноста не значи само да произведувате и да продавате, туку и да работите според стандарди што отвораат можности за интернационализација и соработка со странски партнери. Затоа поддржуваме и сертификација, ESG и ESRS-практики и други стандарди, кои се важни за идниот развој на компаниите – потенцира Дурмиши.

Информира дека апликациите по двата јавни повици може да се достават најдоцна до 15 септември 2026 година, во затворен плик до архивата на Министерството за економија и труд, ул. „Јуриј Гагарин“ бр. 15, Скопје или по препорачана пошта.