Connect with us

Вести

Редок и разорувачки настан: Оркански ветришта со брзина поголема од 130 километри на час направија хаос низ Скопје

Исклучително високи вредности на удари на ветер, приближни до историските рекордни, регистрира Управата за хидрометеоролшки работи (УХМР) во текот на вчерашното невреме, врз основа на податоците од Националната мрежа на автоматски метеоролошки станици. На повеќе локации во државата, според податоците на УХМР, беа регистрирани оркански удари на ветер со брзина над 130 километри на час, што претставува редок и разорувачки метеоролошки настан. 

– Од 47 мерни места за ветер во Републиката, бура и силен ветер со брзина од 62 до 88 километри на час е регистриран на 12 мерни места, силна бура со брзина од 88 до 102 километри на час на 6 мерни места, орканска/ураганска бура со брзина од 102 до 117 километри на час на едно мерно место, а оркан/ураган со брзина над 118 километри на час на 3 автоматски метеоролошки станици. На другите мерни места е регистриран ветер со јачина под 62 километри на час – соопшти УХМР.

Оркан/ураган според класификацијата за јачина на ветер претставува ветер чија брзина надминува 118 километри на час, прецизираат од УХМР и велат дека тоа е екстремно силен ветер, кој на оваа територија се случува многу ретко, и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери.

– На Автоматската метеоролошка станица во Штип во 17 часот е регистриран оркан со максимален удар на ветер од 134 километри на час со правец запад-северозапад (WNW). Во Скопската Котлина, на Автоматската метеоролошка станица Скопје, во 16.10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 километри на час со правец север-северозапад (NNW). Ветер со истата јачина од 130 километри на час е регистриран и на Автоматската метеоролошка станица Ново Село во Струмица во 17.50 часот со правец северозапад (NW).

Мониторингот на карактеристиките на ветерот, како што велат од УХМР, се врши со специјализирани сензори и стандардни процедури обезбедувајќи континуирани и прецизни податоци за струјното поле на ветерот.

Ad
Ad