Вести
Мицкоски за штетите од невремето: Имаме механизми за помош, никогаш не сме ги оставиле граѓаните да се снаоѓаат сами
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека штетите од синоќешното невреме ќе бидат утврдени и, во согласност со законските процедури и досегашната практика, ќе бидат надоместени од надлежните институции.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски денеска посочи дека Владата има механизми за помош како и при секоја елементарна непогода.
– Оваа Влада никогаш не ги оставала граѓаните сами да се снаоѓаат. Им благодарам на институциите и на градоначалниците што во текот на ноќта, веднаш по невремето што го зафати Скопје, беа на терен и заедно со надлежните институции ги санираа штетите. И денеска ќе продолжат со активности бидејќи станува збор за епско невреме. Подготвеноста и мотивацијата од нивна страна беа на високо ниво. Штетите ќе бидат констатирани и, во согласност со законските процедури и досегашната практика, ќе биде рефундирано од надлежните институции – изјави Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за трауматологија при ЈЗУ Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје.
Според информаците на Министерството за внатрешни работи, невремето што ја зафати државата вчера попладне предизвика најголеми последици на подрачјето на СВР Скопје, каде што синоќа до 22 часот биле евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица.
Дополнително, оштетени се повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство, а на Меѓународниот аеродром „Скопје“, поради протекување на покривот, имало прекин на работењето на излезот од државата во траење од речиси еден и пол час.
Во Скопскиот Регион, по 17 часот, преку единствениот број за итни повици 112 биле примени над 9.000 повици од граѓани, при што повеќето се однесувале на последиците од невремето.
Во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ помош по вчерашното невреме побарале 22 пациенти, од кои двајца се на болничко лекување, а на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) 11 лица, од кои тројца се со посериозни скршеници.
јули 22, 2026

