Connect with us

Вести

Надзорна расправа за превенција и заштита од семејно насилство

Претставници од центрите за социјални работи од Скопје, Крива Паланка, Струмица и Валандово денеска дадоа искази на тема: „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“ на надзорната расправа на Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Верица Делева, координатор на социјални услуги на Град Скопје смета дека превенцијата е многу важна во сузбивање на семејното насилство и дека сите заедно да работиме пред сè на превенцијата.

Според неа, семејното насилство претставува сериозно кршење на човековите права и комплексен социјален проблем кој бара навремена, координирана и професионална реакција од сите институции. Заштитата од семејно насилство не е само законска обврска, туку и морална должност на сите институции кои се вклучени во системот на заштита.

– Центрите за социјална работа се едни од клучните носители на системот за заштита, со законски утврдени надлежности во обезбедувањето непосредна поддршка на жртвите, проценка на ризикот, координација на институциите и следењето на преземените мерки за заштита. Нашата работа започнува веднаш по пријавата за насилство, без оглед дали пријавата е добиена од самата жртва, полиција, здравствена или образовна установа, пријава од друго друго лице или, пак, анонимна пријава, истакна Делева.

Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје, нагласи, постапува по значителен поголем број предмети поврзани со семејното насилство, а предизвик им претставувала и разновидноста и сложеноста на случаите. Во рамките на своите надлежности, центарот активно ги застапува интересите на жртвите пред другите институции, а особено во заштита на децата како директни или индиректни жртви на семејно насилство.

Забележа дека последните години институционалната соработка е значително подобрена, но оти постои простор за дополнително подобрување, особено во делот на брзина на размена на информации, усогласеното постапување и следењето на преземените мерки. 

– Најголем предизвик е континуираниот пораст на бројот на предмети поврзани со семејно насилство. Со исти или ограничени кадровски ресурси, центрите за социјална работа постапуваат по значително поголем број случаи кој влијае врз обемот и динамиката на работата. Потребни се дополнителни стручни работници: социјални работници, психолози, педагози, правници со цел да се обезбеди навремено и квалитетно постапување, истакна Делева.

На прашање на пратеничката Славјанка Петровска дали имаат доволно човечки и кадровски ресурси, посочи дека се соочуваат со дефицит на кадар, односно од предвидени 366 работни места, во моментот биле пополнети 229.

За предизвиците на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Крива Паланка се осврна в.д. директорката Ленче Илиевска, која посочи дека семејното, родово базираното и врсничкото насилство се сериозен и широко распространет општествен проблем којшто бара навремена, координирана и одлучна институционална реакција. 

– ​Во спроведувањето и работата со случаите на семејно насилство, се соочуваме со клучни предизвици. ​Прво, постои јаз помеѓу нормативната рамка и нејзината практична имплементација. Обврските ни се дефинирани, но нивната реализација не секогаш е на потребното ниво. ​Второ, меѓуинституционалната координација ни претставува еден од најголемите предизвици. Ефикасноста на заштитата директно зависи од тоа колку навремено и усогласено постапуваат надлежните субјекти. Секое доцнење и неусогласеност може да има сериозен ризик по безбедноста на жртвата, истакна Илиевска.

Како предизвик го посочи недостигот на развиените сервиси и услуги на локално ниво, како безбедни куќи, советувалишта за жртви па и сторители, програми за економско зајакнување на жртвите, протоколи за меѓусебна соработка на општината со надлежните субјекти. Поддршката на жртвите, нагласи, често се сведува на ограничени мерки. 

– ​Можам да кажам дека довербата на жртвите во институциите се гради и е директно поврзана со тоа дали ќе добијат навремена, конкретна, координирана и континуирана поддршка. Од тие причини, се потребни јасни и конкретни чекори за унапредување на системот. ​Дополнително е потребно сериозно инвестирање и развивање на сервиси и услуги на локално ниво, со јасно дефинирани надлежности и обезбедени финансиски средства, истакна Илиевска.

Смета дека е битна континуирана обука на стручните лица кај сите надлежни субјекти, особено во делот за работа со жртвите, процената на ризикот, сензибилизацијата и надминување на стереотипите коишто го оправдуваат насилството. Како и кампањи кои ќе влијаат врз јавноста да се променат ставовите и стереотипите кои го оправдуваат насилството, да ја подигнат свеста за формите на насилството и траумите кои се јавуваат како последица од насилството.

Пратеничката Лидија Петкоска праша како законодавниот дом може да помогне за да се обезбеди побрза и поефикасна заштита на жртвите, на што Илиевска и предочи дека секоја општина треба да има развиени ресурси за заштита на жртвите. 

– Секоја општина треба да има свое советувалиште, треба да има своја безбедна куќа, здравствените установи да имаат прилагодени одделенија каде што сторителите ќе се препраќаат на потребни лекувања, затоа што во последно време имаме многу насилства предизвикани од душевно болни лица, а во државата имаме само три здравствени установи. Тоа е реален проблем на којшто треба да се размислува, истакна Илиевска.

На прашањето на пратеничката Соња Мираковска за социјалниот план на Меѓуопштинскиот центар во крива Паланка, Илиевска посочи дека располагаат со доволно соодветен и стручен кадар, но  интегрираното водење на случај воведено во 2019 година им правело големи проблеми во обезбедувањето и вложувањето на стручните работници да ја пружат потребната помош на психосоцијална поддршка и помош на жртвите. 

Директорката на Меѓуопштинаскиот центар за социјална работа Струмица, Наташа Котева исто така посочи дека се соочуваат со системски предизвици во имплементацијата на законот во однос на заштитата на жртвите од родово базираното насилство и семејното насилство. 

​- За функционалната имплементација на законот треба да се обезбедуваат повеќе ресурси за заштита на жените од родово базирано насилство и семејно насилство, повеќе сервиси за засолништа, советувалишта, кризни центри, специјализирани услуги за реинтеграција и рехабилитација на регионално ниво, но и секако на локално ниво и да се организираат повеќе превентивни активности како во училиштата и во локалната заедница, рече Котева.

Пратеничката Соња Мираковска забележа дека Струмица е град после Скопје по процентот на семејно насилство, каде 91 отсто од насилниците се мажи, а само девет проценти жени. Таа праша која е причината што Струмица се наоѓа толку високо на листата, на што Котева и укажа дека Центарот за социјална работа Струмица е надлежен за четири општини.

– ​Нашето искуство покажува дека насилството најчесто е резултат на подолготрајни семејни, социјални, економски и релациски релации. Затоа ако сакаме вистински резултати треба да работиме уште многу на превенцијата, значи да работиме со семејствата во ризик, брзо да се препознаваат ризиците уште во училиште, во здравство и да имаме безбедносна проценка, координација на повисоко ниво меѓу институциите и центарот кој е активен во овој процес во кој се вклучени сите институции, појасни Котева.

Данче Коцевска, в.д. директор на Центарот за социјална работа Валандово смета дека нивна обврска не е само да постапат, туку жртвата да почувствува дека системот ја слушнал, ја разбрал и нема да ја остави сама.

– Центарот воспоставува контакт со жртвата, врши процена на ризикот, подготвува план за заштита, обезбедува психосоцијална поддршка и предлага мерки. Но за жртвата центарот, полицијата, обвинителството, судот и здравството не се одделни системи. Тие мора да функционираат како единствен систем на заштита, нагласи Коцевска.

Според неа, особено внимание бараат повторените пријави, односно оти враќањето на жртвата во насилната средина не значи дека опасноста престанала, туку најчесто е резултат на економската зависност, нерешеното домување, грижата за децата и отсуство на реална алтернатива.
Посочи дека имале искуство со сместување лице во шелтер центар, при што значителен дел од непосредната поддршка и координацијата продолжиле да ги вршат стручните лица од центарот. 

– Тоа јасно покажува дека се потребни посилни регионални и институционални капацитети. ​Од оваа надзорна расправа очекувам конкретни, применливи и финансиски поддржани заклучоци, рече Коцевска.

Според неа, потребен е единствен и безбеден електронски систем за навремена проверка на претходните пријави, проценетиот ризик, изречените мерки и нивното почитување, заеднички задолжителен протокол за постапување на центрите за социјална работа, полицијата, обвинителството, здравството, локалната самоуправа, со јасни обврски, рокови и одговорни лица, реален и финансиран модел за итно постапување надвор од работното време со дежурство, доволен кадар, службено возило, опрема и безбедни услови за теренска работа, применлив и за помалите центри…, како и регионален центар за сместување на жртви на семејно и родово базирано насилство.

– ​Како конкретна препорака, предлагам и воспоставување регионален мобилен интервентен тим и посебен фонд за итен транспорт и сместување, особено за случаи со висок ризик и интервенции надвор од работното време. Итното сместување е само почеток. Без дом, приходи, работа и поддршка за децата, постои реална опасност жртвата повторно да се врати во насилната средина. Затоа, реинтеграцијата мора да биде составен дел од заштитата, рече Коцевска.

Од препораките кои ги дадоа претставниците на центрите за социјални работи, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ќе извади заклучоци кои треба да го подобрат системот за спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство.

Ad
Ad