Connect with us

Вести

Мицкоски: Со криминалот и криминалците нема пакт и нема сојуз, нивниот последен бастион се малкуте корумпирани судии и обвинители и нив ќе ги поразиме наскоро

Со криминалот и криминалците нема пакт и нема сојуз, затоа се немирни, затоа се нервозни. Нивниот последен бастион се малкуте корумпирани судии и обвинители. И нив ќе ги поразиме наскоро и ќе одговараат од прв до последен, порача вечерва премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање на свеченото одбележување на 36 години од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, што се одржа во Струмица, под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“.

Тој во обраќањето се осврна на забелешките дека нема казнивност на, како што рече, често добиваните критики и забелешки дека се договориле, дека склучиле пакт со претходната влада, па затоа не ги гонат, дека не апсат.

– Сакам многу јасно и многу прецизно да кажам и да повторам нешто што веќе неколку пати сум го кажал. Ние не сме во театар, ние не сме естрадни уметници и не правиме естрада од она што го работиме. Ние сме политичари, ние сме луѓе кои од политиката не смеат да прават естрада и реално шоу – рече Мицкоски.

Тој додаде дека изминативе две години пред лицето на правдата биле изведени врховни судии, обвинители, претседатели на Советот на обвинители, поранешни вицепремиери, министри, директори, и сето тоа помина без специјалци да влегуваат во нивните домови во три часот наутро, пред очите на нивните најблиски, на нивните сопружници и на нивните деца.

– Тоа го правиме за никој да не биде понижен. Но, сакам да испратам јасна порака од Струмица: ќе ги гониме каде и да се. Со криминалот и криминалците нема пакт и нема сојуз – нагласи Мицкоски.

Тој во обраќање пред присутните на настанот истакна дека од Струмица ја испраќаат најсилната порака – вечерва покажуваме дека идејата ВМРО-ДПМНЕ е посилна од кога и да е.

– Ова е гласот на народот кој знае дека Македонија може повеќе. И затоа вечерва од Струмица испраќаме една јасна порака. Порака што ќе се слушне во секој град, во секое село, во секој дом. Порака која веќе се чувствува насекаде околу нас. А пораката е јасна – Македонија забрзува и нема назад. Македонија која забрзува – рече Мицкоски.

Нагласи дека е потполно свесен дека има и такви кои ќе речат дека сето она што го прават е недоволно, дека може повеќе, дека трпението е помало, затоа што проблемите кои ги наследиле се многу пoголеми.

– Морам да се согласам со нив и да кажам дека ги разбирам. Но не барајте од мене да не кажувам вистина или да не бидам искрен. И би сакал да имам, но немам магично стапче со кое преку ноќ ќе ги решиме проблемите создавани со децении. А тие кои го ветуваа тоа, видовме како завршуваа, со голем дебакл и уште поголемо разочарување. Можам јас да кажам дека правиме чекори напред. Мали, можеби не толку големи, но сигурни, и покрај стотиците, илјадниците проблеми кои ни се оставени, и покрај тоа што камен на камен не беше оставено, и се беше уништено, секоја жртва и енергија за заедничката иднина на граѓаните е достојна и ќе биде дадена. Затоа што Македонија забрзува и тие мали чекори во времето кое доаѓа ќе бидат уште поголеми чекори но сигурни – нагласи Мицкоски.

Ad
Ad