Вести
36 години ВМРО-ДПМНЕ: Местото на Македонија е во ЕУ, но без отстапки за идентитетот а тоа е нашата црвена линија, кажа Мицкоски
Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија, е таму, на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на Европската Унија, порача вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 36-от роденден на партијата во Струмица, но нагласи дека нема да се прифатат отстапки поврзани со националниот идентитет.
– Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија, е таму, на масата во Брисел како полноправна членка на Европската Унија, но тоа нема да биде спринт, туку маратон – порача Мицкоски, повикувајќи на издржливост и борба во процесот на евроинтеграции.
Тој испрати порака до европските институции дека очекува јасни гаранции оти нема да има нови билатерални условувања и дека македонскиот идентитет, јазик и култура се константа и неспорен факт.
– Донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик. И дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема. Нема цена. Нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно. Нема пазарење со идентитетот наш македонски, истакна Мицкоски.
Во обраќањето тој ја обвини поранешната власт, сега опозиција, дека со своите политики нанела сериозна штета на државата и на нејзиниот пат кон Европската Унија.
– Создадоа голем проблем на нашиот пат кон Европа, потпишувајќи договори што ја обврзуваат државата на нешто што никој од граѓаните не би го прифатил – рече Мицкоски, додавајќи дека, според него, тие чекори биле резултат на желба за власт и опстанок на власт.
Во контекст на спорот со источниот сосед, Мицкоски посочи и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека правилата треба да важат еднакво за сите.
– Не може само за нас да важат договори и обврски. Или за сите или за никој – истакна тој.
Мицкоски го повика членството и граѓаните да се подготват за, како што рече, „долга и тешка борба“ за зачувување на националните интереси и напредок кон европската иднина.
јуни 18, 2026

