Connect with us

Вести

Во Собранието понудени јавни предлози за подобрување на текстот на законите за судска служба и јавнообвинителска служба

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Министерството за правда ќе ги земат предвид и повторно разгледаат предлозите од претставници на синдикатите, здруженија на судска администрација, јавнообвинителска служба, обвинители и други поединци кои денес на јавна расправа говореа за подобрување на предложениот закон за судска служба и предложениот закон за јавнообвинителска служба.

Најголем дел од учесниците во јавната расправа побараа предложените законски решенија да се вратат во работните групи, да се изменат и дополнат во функција на квалитетни закони и во согласност со реформската агенда.

– Како комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, во поглед на сите поголеми законски решенија од планот за раст и реформската агенда, организираме јавни расправи со цел да го слушнеме мислењето, ставови, критики, забелешки или пофалби со законското решение. Дебатата е во функција на законските решенија, посочи претседателот на комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов.

Во јавната расправа се вклучија седумнаесет директно заинтересирани претставници на организации кои ги застапуваа интересите на вработените во судска служба и јавнообвинителска служба, и побараа враќање на делови од текстот на законите кои претходно биле усогласени во работната група, враќање на додатокот за висок ризик и доверливост на документи, враќање на процентот од 60 на 80 насто од висината платата што се исплаќа во услови на штрајк, грижа и кариерен развој за сите вработени, соодветен пристап кон информатичарите чиј број заради немотивираност се намалува, како и јасен текст на законот ослободен од влијанија и притисоци.

– Можам да заклучам дека забелешките се однесуваат на три точки, а тоа е статусот на лицата вработени во судовите, висината на платите и надоместоците, а имаше и забелешка за начинот на донесување на законот во смисла од текстот што го изработила работната група, до текстот што денес е во собраниска процедура. Мора да кажам дека работната група пред една година изработи текст на законот и тој беше објавен на ЕНЕР. Законот од Министерството за правда беше доставен до Владата, но во тој период настана промена на фактичката сосотојба, односно беше донесен нов Закон за административни службеници кој ќе стапи на сила на 1 јануари 2027 година и беше склучен Колективен договор со судовите и јавните обвинителства. Овој закон мора да се усогласи со законот за административните службеници за да нема закони што се во колизија. Слушнав многу критики и забелешки, добар дел од нив се прифатливи, и јавната расправа ќе помогне да бидат преточени во амандмани, истакна заменик министерот за правда Ален Деребан и додаде дека брзината поради која овој закон беше доставен во Собрание е реформската агенда, односно крајниот рок за донесување на овој закон.

Предлог законот за судска служба и предложениот закон за јавнообвинителска служба со сите денешни сугесетии, во второ читање ќе бидат истакнати пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Ad
Ad