Култура
Од 8 до 15 јули петто издание на фестивалoт „Преку езерото“
Меѓународниот фестивал на балканскиот и медитеранскиот филм „Преку езерото“ од 8 до 15 јули годинава петти пат ќе се одржи на брегот на Дојранското Езеро, но во неговата организација овој пат ќе бидат вклучени и Гевгелија и Струмица. Веќе е направена селекција на филмовите во сите категории, а планирано е и одржување две работилници.
– И годинава остануваме на тоа да сме фестивал на балканскиот и медитеранскиот филм. Тоа ни е основниот концепт и идејата ни е да не се шириме надвор од тој архипелаг, кој не е толку мал и не е толку незначаен во однос на културата, на уметноста, а може е и еден од најзначајните архипелази во светот на кинематографијата на планетата Земја, не само во Европа, ако се земе предвид фактот дека дел од Медитеранот се и најголемите светски кинематографии – француската, шпанската, италијанската кинематографија – рече директорот на фестивалот, Јани Бојаџи, на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека официјалната програма за долгометражни играни филмови и годинава останува во Дојран, во прекрасната атмосфера на амфитеатарот, кој, како што рече, гледа точно преку езерото. На фестивалот ќе има и краткометражна и студентска програма. Според Бојаџи, годинава првпат се организра програма на „Кинематографија во фокус“ и во овој случај тоа ќе биде кинематографијата на Иран, поточно современата иранска кинематографија. Годинава, рече, ќе има светска премиера на ирански филм на фестивалот.
– Особено ме радува што фестивалот „Преку езерото“ станува дестинација, каде што филмови на значајна светска кинематографија имаат своја светска премиера, така што нашиот фестивал полека но сигурно се препознава како вистинска дестинација на балканскиот и медитеранскиот филм – истакна Бојаџи.
Додаде дека фестивалот продолжува да се развива во сегментот во кој е единствен не само во Македонија туку можеби и на Балканот и Медитеранот, а тоа е работилница во која се развива, а подоцна и во целост се финансира снимање дипломски студентски краткометражен игран филм.
– Третпат ја работиме работилницата. Веќе имаме снимено пет краткометражни дипломски играни филма на студенти од македонските универзитети, факултети за филм и тие, еве, се претставуваат пред светот со наша помош. Годинава имаме два готови филма од минатогодишната работилница и тие ќе ја доживеат светската премиера на фестивалот во Дојран. Ќе ги видиме авторите, учесниците, актерите. Сакам да им се заблагодарам на моите колеги, на актерите, сите што беа повикани да играат во филмовите на нашите студенти, бидејќи тоа го направија про боно. Значи, бесплатно, сите до еден работеа на филмовите на нашите студенти. Тоа ме прави исклучително среќен и, најверојатно, зборува за тоа дека сме зрело општество и дека сме свесни луѓе, кои разбираат дека мора на оние што почнуваат да им помогнеме на почетокот, кога им е тешко и кога не можат без нас – рече на прес-конференцијата директорот на фестивалот.
Најави дека оваа година конкурсот ќе го проширират и ќе финансираат и еден, така да се каже, дебитантски краткометражен игран филм на некој што дипломирал пред 3, 4, 5 или 10 години на кој било универзитет во Македонија за филм, а немал шанси, немал можности да го направи своето филмско деби.
– Ние ќе му помогнеме, во целост ќе го финансираме и ќе го продуцираме снимањето на тој филм во текот на годината по фестивалот, по есента, а ќе го покажеме како светска премиера в година, со што ќе му овозможиме на тој автор да се претстави себеси и своето дело пред светот почнувајќи од нашиот фестивал – истакна Бојаџи.
Годинава, потенцира тоја, на фестивалот првпат ќе се организира работилница на една, како што нагласи, исклучително актуелна тема – вештачката интелигенција и современата кинематографија.
– Ова е заради тоа што сите сме свесни, нели, дека голем дел од кинематографијата на еден или друг начин ќе биде создавана со помош на алатките на вештачката интелигенција. И јас, само како универзитетски наставник, го поттикнувам тоа. Ние не можеме да пливаме наспроти брановите, до толку нели, иако идејата на „Преку езерото“ е да се плива наспроти брановите. Но, мора да се движиме заедно со развојот на технологијата затоа што филмот е применета уметност. Вие не можете да направите филмско дело ако не примените технологија – рече Бојаџи.
Потенцира оти на неа ќе работат „Медија деск“ од Бугарија, чие присуство е веќе потврдено, како и „Медија деск“ од Србија, од каде што исто се очекува да го потврдат присуството.
Селекторот на филмови на фестивалот, Златко Гелевски, истакна оти првично имале потесна листа од 30-ина филма, кои биле земени предвид во првиот бран филмови што биле гледани, од кои селекцијата била лимитирана на шест.
– Фокусот ќе биде и на самиот Балкан, од каде што се содржи половина од селекцијата. Меѓутоа, за преостанатиот дел јас сакав да допрам до најисточната, најзападната и најјужната точка на Медитеранот за да се понуди еден диверзитет. Можам да потврдам дека ниту еден филм не личи на ниеден друг и токму тоа беше убавината на селекцијата. Значи, официјалната селекција ќе брои шест филма – рече Гелевски.
Најави дека се во разговори за присуство на гости од сите продукции што работат на филмовите, вклучително и режисерите и актерите. Покрај официјалната компетиција, имаме уште две натпреварувачки категории, односно краткометражен филм и студентска програма.
Оваа година половина од 40-те филма на фестивалот, нагласи, ќе бидат македонски.
Во рамките на студентската програма, нагласи, ќе има само македонски филмови, поради, како што истакна, тоа што неговото искуство говори дека се случува да има голема разлика во буџетите за изработка на филмовите од македонски и странски факултети, што, вели, не е фер за едно натпреварување.
– И затоа оваа година одлучив, условно кажано, да направам државно натпреварување на македонските факултети, односно стапив во контакт со Универзитетот во Тетово, со „Еуропа Прима“, односно со ЕСРА и со Факултетот за драмски уметности, од кои ги добив најквалитетните филмови што ги имаат работено во изминатата година, селектирав од тоа што ми беше понудено – рече Гелевски.
Дополнително, додаде тој, покрај овие три напреварувачки компетиции, имаме земја во фокус, тоа во случајот е кинематографијата на Иран, каде што се селектирани четири филма, кои ќе бидат прикажани во Струмица, напоменувајќи дека во официјалната селекција ќе има и светска промоција на ирански филм.
И оваа година ќе биде доделена и наградата „Мето Јовановски“ за врвно достигнување во филмската уметност.
јуни 11, 2026


