Вести
Николоски: Македонија е способна за големи подвизи
Изградбата на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка претставува инженерско чудо и доказ дека државата е способна за реализација на големи инфраструктурни проекти – напиша вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук-профил.
Во објава, придружена со видео од градежните активности, Николоски посочува дека на оваа делница се изведуваат сложени градежни зафати.
– На делницата Бељаковце – Крива Паланка се градат мостови со столбови високи до 61 метар – повисоки од повеќекатници во урбана средина. Во изградбата ќе бидат вградени десетици илјади тони железо и 125.000 кубни метри бетон – наведе Николоски.
Тој нагласува дека проектот не е само транспортна инфраструктура, туку и симбол на капацитетите на државата.
– Ова не е само железница, ова е инженерско чудо и доказ дека Македонија е способна за големи подвизи – истакна Николоски во објавата.
Железничката делница Бељаковце – Крива Паланка е дел од пругата кон Бугарија, која се гради во рамките на паневропскиот Коридор 8 и опфаќа изградба на мостови, тунели и придружна инфраструктура.
јуни 11, 2026

