Connect with us

Свет

В недела во Ерменија се одржуваат клучни избори за иднината на земјата

Ерменија в недела излегува на парламентарни избори кои се оценуваат како најважни од нејзиното осамостојување во 1991 година. На нив гласачите во земјата со речиси три милиони жители ќе одлучуваат за суштинскиот геополитички правец – свртување кон Европа или останување во руската сфера на влијание.

Овие избори практично претставуваат референдум чиј исход ќе има далекусежни последици и надвор од регионот на Јужен Кавказ. Како клучен момент за ваквиот геополитички пресврт се издвојува 2023 година и губењето на контролата врз Нагорно-Карабах. Иако борбата за овој регион беше темел на ерменскиот национализам, военото преземање на енклавата од страна на Азербејџан, при кое Русија како дотогашен заштитник на Ереван не реагираше, ја принуди Ерменија да ја обвини Москва за неисполнување на безбедносните обврски и видливо да се приближи кон Западот.

Актуелниот премиер Никол Пашињан, кој ја предводи оваа транзиција, но и ја сноси одговорноста за поразот во Нагорно-Карабах, според анкетите е фаворит со околу 32 отсто поддршка за неговата партија „Граѓански договор“. Наспроти него стојат три проруски, но меѓусебно разединети опозициски блокови: сојузот „Силна Ерменија“ на милијардерот Самвел Карапетјан, „Ерменскиот сојуз“ на поранешниот претседател Роберт Кочарјан и партијата „Просперитетна Ерменија“ на Гагик Царукјан. Поради разединетоста на опозицијата, сегашниот изборен систем му оди во прилог на Пашињан.

Клучната опозициска фигура, Самвел Карапетјан, моментално е во куќен притвор под обвиненија за перење пари и повикување на насилно преземање на власта, а неговата кампања ја води неговиот внук Нарек Карапетјан. Ова е така бидејќи ерменскиот устав им забранува на лица со двојно државјанство (Карапетјан има и руско и кипарско) да влезат во парламентот.

Западните разузнавачки извори и медиумите со месеци предупредуваат на интензивна дезинформациска кампања од страна на Москва и на планови за организиран транспорт на десетици илјади ерменски гласачи од Русија со цел да се влијае врз изборите. Европскиот парламент веќе усвои резолуција на групата „Обновена Европа“ (Renew Europe) за заштита на изборниот интегритет од кибератаки и од олигархиски притисоци. Од друга страна, Ереван во мај беше домаќин на Самитот на Европската политичка заедница, каде претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази цврсто партнерство и поддршка за европскиот пат на Ерменија.

Како одговор на ова, Русија го повлече својот амбасадор Сергеј Копиркин на консултации, а претседателот Владимир Путин предупреди на укинување на економската интеграција и на воведување работни дозволи за Ерменците доколку земјата ги прифати стандардите на ЕУ, правејќи паралела со почетокот на кризата во Украина. Москва веќе воведе блокади за увоз на ерменски производи, а лидерите на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) побараа од Ереван итен референдум за избор меѓу двата блока.

Поддршка за Пашињан пристигна и од Вашингтон, каде американскиот претседател Доналд Трамп упати целосна поддршка за негов реизбор, нагласувајќи дека ја делат истата визија за мир во регионот. Дополнително, американскиот државен секретар Марко Рубио кон крајот на мај потпиша договори за стратешко партнерство и за изградба на коридорот ТРИП (TRIPP) – патен и железнички правец долг 43 километри низ јужна Ерменија кој ќе ги поврзе Азија и Европа, целосно заобиколувајќи ги Русија и Иран. САД ќе поседуваат 74 отсто од развојната компанија, со зачувување на ерменскиот суверенитет. Иако Пашињан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев лани во Белата куќа го парафираа мировниот договор, неговата финална ратификација и имплементација директно зависат од исходот на неделните избори. 

Ad
Ad