Connect with us

Економија

МЕФ 2026 втор ден: Интеграцијата во енергетскиот пазар претставува важен дел од процесот на европска интеграција

Зголемувањето на енергетската ефикасност и справувањето со климатските промени не претставуваат само добра еколошка политика, туку и добра економска политика и политика во интерес на здравјето на населението. Македонија е особено погодена во зимскиот период кога загадувањето на воздухот достигнува високи нивоа. Токму затоа значајни се реформите што се прават во делот на енергетиката, порачаа учесниците на денешниот панел за размена на лидерски искуства што се одржа во рамки на Форумот за клима, енергетска транзиција и одржлив развој во Западен Балкан – МЕФ 2026.

Според Орхан Муртезани, специјален советник на премиерот, енергетските реформи не се важни само од аспект на регулативата, туку тие претставуваат тест за нашата способност да функционираме во заедничкиот европски пазар, каде што безбедноста, стабилноста и отпорноста зависат од сите учесници. 

– За Северна Македонија, енергетската транзиција не е само секторски приоритет, туку таа е јасен пример за тоа како реформската агенда се преточува во практична подготвеност  за европска интеграција. Крајната цел е дополнително забрзување на европската интеграција на земјата. Нашата реформска агенда започна со спроведување на реформи во областа на декарбонизацијата, обновливите извори на енергија и други сектори кои денес се од особена важност. Овој столб е од клучно значење за Македонија да може целосно да ги искористи придобивките од интеграцијата во единствениот европски пазар само доколку успешно ги спроведе потребните реформи. Сепак, не треба да се зборува само за придобивките. Потребно е да се има предвид дека реформите честопати носат и краткорочни трошоци и предизвици, кои мора внимателно да се управуваат во процесот на нивното спроведување, рече Муртезани.

Учесниците на панелот се согласни дека интеграцијата во енергетскиот пазар претставува важен дел од процесот на европска интеграција. Земја која не е доволно поврзана со регионот е значително поранлива на глобалните настани, турбуленции и енергетски кризи, порачаа тие. 

За директорот на АД МЕПСО Бурим Латифи, регионалната координација во енергетскиот сектор е од суштинско значење што се потврдило во повеќе наврати особено во периоди на нарушувања или нерамнотежа на пазарот. 

– Добро поврзаните електроенергетски мрежи овозможуваат електричната енергија да се пренасочи таму каде што е најпотребна. На тој начин се создава можност енергијата поефикасно да се распределува на регионално ниво. Овој пристап не придонесува само за поголема сигурност на снабдувањето, туку и за поекономично и поеколошко користење на енергетските ресурси. Затоа, нашата цел е да продолжиме со зајакнување на регионалната соработка и со понатамошна интеграција на енергетските пазари. Преку регионална координација може значително да се подобри сигурноста на снабдувањето, да се оптимизира користењето на мрежната инфраструктура, да се овозможи поголема интеграција на обновливите извори на енергија и да се намалат загубите во системот, истакна Латифи.

Шведскиот амбасадор во земјава Ола Сулстром со порака дека секоја држава треба да инвестира во сопствените капацитети без разлика дали се работи за политичка безбедност или енергетска сигурност.

– Најважно е тоа да се прави на паметен и долгорочно одржлив начин. Причината поради која Македонија, македонските компании, институции и останати општествени чинители треба да бидат усогласени со европските стандарди и политики не е поврзана само со економските прашања, животната средина и здравството, постои и силна деловна логика зад овие процеси. Бизнисите инвестираат само кога имаат доверба дека земјите, институциите и деловните партнери ги почитуваат и ги спроведуваат договорените стандарди. Токму затоа овие политики не се во спротивност една со друга, туку се надополнуваат и создаваат услови за одржлив економски развој, рече Сулстром.

Форумот МЕФ 2026 официјално беше отворен вчера кога премиерот Христијан Мицкоски порача дека предизвиците во најголемата енергетска криза треба да ги претвориме во наша можност и да видиме што можеме заедно како Западен Балкан да испорачаме за Европа.

Форумот се одржува под мотото „Унапредување на климатската отпорност и енергетската транзиција на патот кон COP31“, а ги обединува носителите на политики, меѓународните организации, финансиските институции, приватниот сектор и граѓанското општество, со цел зајакнување на регионалната климатска соработка и отпорност.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1