Хроника
Приведен жител на Росоман поради напад во угостителски објект и закани кон градоначалникот
Приведен е жител на Росоман поради нарушување на јавниот ред и мир, физички напад и закани кон градоначалникот на социјални мрежи, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Рано утрово во 00:40 часот во Росоман, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле И.А.(35) од Росоман, кој на улица „Пролетерска“ во видно алкохолизирана состојба го нарушил јавниот ред и мир со дрско и непристојно однесување и не постапувал по наредбите на полициските службеници при вршење службени дејствија – соопштија од СВР Велес.
Оттаму појаснија дека дополнително, било пријавено дека во угостителски објект во Росоман, физички го нападнал Л.Л.(18) од село Паликура, при што употребил стаклен предмет.
– По извршените проверки било утврдено дека И.А. бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,03 промили алкохол во крвта. Претходно, на 30.05.2026 година, со И.А. бил извршен службен разговор по пријава дека во периодот од април 2026 година до денот на пријавувањето, преку социјална мрежа објавувал содржини насочени кон Ѓ.К.(37), градоначалник на Општина Росоман, со што кај пријавителот предизвикал чувство на страв и загрозеност, споделија од СВР Велес.
Оттаму додадоа дека за двата настана бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање, против него ќе биле поднесени соодветни пријави.
јуни 1, 2026


