Вести
Кошта од денеска во посета на Западен Балкан за да се сретне со регионалните лидери и да биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од денеска до 5 јуни ќе го посети Западен Балкан за да се сретне со лидерите од регионот и да биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, што ќе се одржи на 5 јуни.
Како што информираат од Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.
-Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати – изјавил Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
Кошта ќе ги посети шесте партнери од Западен Балкан, почнувајќи со Сараево денеска. Во вторник, на 2 јуни, тој ќе биде во Тирана, потоа ќе го посети Скопје, каде ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. Следниот ден, среда, 3 јуни, Кошта ќе се упати кон Приштина, додека во четврток, 4 јуни, ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета во Црна Гора.
На 5 јуни ќе се одржи самитот ЕУ – Западен Балкан. Главната тема на овој самит е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
Премиерот Христијан Мицкоски на 29 мај изјави дека очекува при претстојната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта да разменат повеќе идеи за надминување на пречката за интеграцијата на државава во Европската унија од, како што рече, вештачкото билатерално барање.
Порача дека ставот на државава не е променет и оти ќе се бара решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и македонските граѓани. Мицкоски повтори дека нема простор ниту милиметар повеќе да се отстапува идентитетски, зашто, посочи, „оваа држава и граѓаните на Македонија дадоа премногу изминатите децении, а за возврат добивме ништо или многу малку и повторно имаме билатерални барања пред нас“.
јуни 1, 2026
