Технологија
Монтецемоло: Ферари со електричниот автомобил ризикува да ја уништи легендата
Поранешниот шеф на Ферари, Лука ди Монтецемоло кој ја водеше компанијата од 1991 до 2014 година, упати остри критики кон првиот електричен модел на италијанскиот производител, предупредувајќи дека брендот ризикува да го доведе во прашање легендарниот статус на компанијата со воведувањето електрични возила.
Првиот целосно електричен Ферари предизвика силни реакции во јавноста и меѓу љубителите на автомобилскиот бренд, а меѓу најгласните критичари е и поранешниот претседател на компанијата Монтецемоло, кој истакна дека е разочаран од новиот модел на Ферари, „Луче“ (Luce).
Според него, компанијата влегува во ризичен период и електричните автомобили би можеле да го доведат во прашање идентитетот на брендот.
– Ако кажам сè што навистина мислам, би ѝ наштетил на компанијата. Ризикуваме да ја уништиме легендата и навистина ми е жал поради тоа. Се надевам дека од автомобилот ќе биде отстранет препознатливиот симбол на брендот „коњчето“, кој е еден од најзначајните заштитни знаци на Ферари, изјавил Монтецемоло.
Покрај критиките за електричниот модел, Монтецемоло индиректно се осврна и на дизајнот на моделот Луче, опишувајќи го како автомобил што кинезите сигурно нема да го копираат.
Ферари официјално го претстави моделот како свој прв сериски електричен автомобил и им им овозможува на купувачите дополнително персонализирање.
Иако раководството на Ферари смета дека електричните модели претставуваат иднина на луксузните спортски автомобили, реакциите на традиционалните љубители на брендот засега се силно поделени, при што дел од јавноста ја поддржува трансформацијата, додека други стравуваат од губење на препознатливиот карактер на марката.
мај 29, 2026

