Вести
Груевски добил унгарско државјанство во 2022, од МП велат дека постапката за екстрадиција продолжува
Министерството за правда внимателно ги следи информациите објавени во јавноста во врска со наводите дека Никола Груевски стекнал унгарско државјанство. Независно од сите шпекулации и неофицијални информации за евентуалниот статус што го има во Унгарија, Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки – се вели во соопштението од Министерството за правда.
Министерството за правда нагласува дека постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции. Во рамки на своите надлежности, Министерството и понатаму ќе ги презема сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија.
Претходно, медиумите во Македонија, повикувајќи се на истражувачкиот портал ВиСквер (VSquare), пренесоа дека Никола Груевски, поранешниот премиер на Македонија кој од 2018 година живее во Унгарија, добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „унгарски државен интерес“.
мај 29, 2026
