Регион
Анкета: Новите партии во Грција носат промени на политичката сцена, но Нова демократија стабилна на првата позиција
Промена на политичката сцена во Грција, носат новите две грчки партии, едната на поранешната претседателка на Здружението на роднините на жртвите во железничката несреќа кај Темпи Мариа Каристиану, другата на поранешниот премиер Алексис Ципрас, согласно истражувањето на јавното мислење спроведено од „РиалПулс“ (RealPolls) за информативниот портал „Протагон“, иако владејачката Нова демократија останува стабилна на првата позиција, јави дописничката на МИА од Атина.
Нова демократија е со рејтинг од 27,5 отсто според одговорите на анкетираните на прашањето за кого би гласале доколку следната недела има избори, на втората позиција е партијата на Ципрас со 14,3 проценти, трета е партијата Надеж за демократија на Каристиану со 11,4 отсто, а ПАСОК што досега беше на втората позиција, е четврта политичка сила со 8,6 проценти.
- Вкупно, двете нови политички формации собираат 25,5 отсто, процент што речиси се изедначува со оној на Нова демократија и во секој случај ја покажува големината на прелевањето на гласачи што традиционалните партии го трпат од страна на новите политички партии, коментира „Протагон“.
Истражувањето било спроведено од 23 до 25 мај, односно завршило пред Ципрас официјално да ја промовира неговата партија, но сепак е вклучена во анкета со оглед на тоа што веќе беше одреден и соопштен терминот за промоцијата.
Враќањето на поранешниот премиер, според резултатите од анкетата, не се оценува позитивно, на прашањето дали тоа било неопходно поради слабоста на актуелната опозиција, 61,6 отсто одговориле негативно, наспроти 33,6 проценти кои дале позитивен одговор, додека пак во однос на тоа дали може да биде прва партија, над осум од десет испитаници одговориле негативно (61,3 отсто „сигурно не“, 20,6 проценти „веројатно не“).
За партијата Надеж за демократија, што Каристиану ја промовираше минатата седмица, речиси шест од десет анкетирани сметаат дека партијата ја изразува огорченоста на општеството кон политичкиот систем, но и дека ќе привлече гласачи кои сега или не излегуваат на гласање или се меѓу неодлучните, но сепак 73,2 отсто оценуваат дека ја нема политичката структура за да функционира како кредибилна владејачка партија, а 65,5 проценти веруваат дека брзо ќе ѝ опадне влијанието.
Истражувањето на „РиалПулс“ за информативниот портал „Протагон“, било спроведено со телефонски анкети во периодот од 23 до 25 мај 2026 година, со вклучени 1.667 лица на возраст од над 17 години.
мај 28, 2026
