Connect with us

Регион

Грција воведува построги мерки за нелегалните мигранти и побрзи процедури за барањата за азил

Задолжителен скрининг на границите за сите нелегални мигранти, разгледување на барањата за азил по забрзана постапка и побрзи процедури на враќање за оние кои нема да добијат меѓународна заштита, предвидува, меѓу другото, предлог-законот на Министерството за миграција и азил на Грција што денеска беше доставен до грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Законот се однесува на имплементација на Европскиот пактот за миграција и азил, а според надлежното Министерство, претставува „најголемата заедничка миграциска реформа на Европската Унија“. 

-Новата рамка има цел поефикасна заштита на надворешните граници на Европската Унија, забрзување на постапките за азил и зајакнување на враќањето на лицата кои немаат право на меѓународна заштита или легален престој, информираа од Министерството. 

На новиот закон се осврна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница и рече дека станува збор за низа многу важни мерки што треба законски да се регулираат, „бидејќи новиот Пакт за азил стапува во сила на 12 јуни 2026 година.“

– Содржи одредби кои е добро сите да ги знаеме, во однос на побрзата постапка за доделување азил, брзото издавање одлуки за одбивање, проширувањето на можноста за административен притвор во случаи кога тоа ќе оцени дека е неопходно, сè до донесување на одлука за азил, како и создавање „return hubs“, односно центри за враќање во трети земји, посочи Мицотакис.

Од Министерството за миграција и азил на Грција информираа дека со законот, за првпат се воведува задолжителна проверка на надворешните граници на сите државјани на трети земји кои нелегално влегуваат, што вклучува: целосна идентификација, земање отпечатоци од прсти и биометриски податоци, безбедносни проверки, како и здравствени проверки.

Дополнително, барањата за азил на границите ќе се разгледуваат по забрзана постапка и со строги рокови, така што целата предвидена процедура за азил и евентуалното враќање да се завршува во рок од околу 12 седмици.

За лицата кои нема да добијат меѓународна заштита, новата рамка предвидува дека веднаш ќе бидат вклучени во постапка за враќање, со построги механизми за контрола и можност за престој во затворени или контролирани центри на границите сè до завршувањето на постапката.

– Особена важност има и можноста за користење центри за враќање надвор од Европската Унија, во рамки на новата европска политика за враќање, испраќајќи јасна порака дека оние кои немаат право на меѓународна заштита не можат неограничено да останат на европска територија, информираа од Министерството.

Објаснија дека предлог-законот „создава современ, функционален и ефикасен систем за управување со миграциските бранови, заснован на јасни правила, брзо разгледување на барањата за заштита и суштинско спроведување на враќањата“. 

Ad
Ad