Connect with us

Вести

Доделени наградите и признанијата за иновација, лидерство и влијание во ИТ-екосистемот

Вие сте во едно од најзначајните современи движења за надминување на родовиот јаз во технологијата и науката. Особено е важно што оваа визија добива силен и автентичен израз преку Women in Tech. ​Со својата работа организацијата отвора македонска дигитална соба преку која младите девојки ќе може да се нурнат во светот на технологијата. Со задоволство прифатив да бидам покровител на Women in Tech Macedonia Awards и заеднички да ги запознаеме и да ги истакнеме жените што не ја чекале иднината да им биде подарена, туку во синергија со мажите самите почнале да ја кодираат – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која денеска на церемонија ги додели деветте награди за иновација, лидерство и влијание во ИТ-екосистемот – Women in Tech® Macedonia Awards.

Тие, како што појасни, се доделуваат на жени и на мажи што работат во најдинамичните области на денешницата: вештачката интелигенција, кибербезбедноста, дигиталното претприемаштво и едукацијата. 

Особено, потенцира, се истакнуваат жените што со своето знаење и визија ја менуваат технолошката сцена, но и мажите, кои како сојузници, поддржувачи и партнери придонесуваат за таа промена.

– Ова е потврда дека денешната дигитална соба има многу катчиња. Некаде се создаваат алгоритми, некаде се енкриптираат податоци и инфраструктури, некаде се развиваат децентрализирани системи, а некаде се создаваат нови образовни модели за идните генерации. ​Сите ги обединува source code-от на современиот свет – знаењето, визијата, одговорноста, а женската перспектива ѝ дава човечки пулс на сложената дигитална структура. ​Вештачката интелигенција може со огромна брзина да анализира, да пресметува, да обработува информации и да носи заклучоци, но ниеден алгоритам и софтвер не може да ги репродуцираат човечката совест, емпатијата и способноста да се биде потпора на другиот во миговите на страв, болка или неизвесност. Токму затоа иднината нема да бара само технолошка прецизност, туку и емоционална интелигенција. ​А жените покажале и докажале извонредна способност и умешност да ги поврзат аналитичноста со човечноста, знаењето со грижата и лидерството со емпатијата. Жената знае да утеши, да охрабри, да создаде чувство на сигурност, припадност и човечки дамари – рече македонската претседателка.

Според неа, оваа перспектива ќе биде неопходна за технологијата да остане средство за човечко унапредување, а не цел сама по себе. ​

– Кога една жена ќе успее, нејзиниот успех станува можност и охрабрување за многу други жени што доаѓат по неа. И самата сум пример дека кога една жена ќе добие простор и соба да го покаже своето знаење, тогаш се рушат многу граници, кои долго изгледале непроменливи. ​Запомнете, ако можев јас да станам претседателка, може и секоја од вас – рече Сиљановска-Давкова на доделувањето на наградите.

Пред нас, додаде таа, се отвора нова соба – дигиталната, во која, како што истакна, се создава новата архитектура на современиот свет.

– Се развиваат алгоритмите што управуваат со информации, системи на вештачка интелигенција што анализираат и предвидуваат, кибермрежи што ја штитат безбедноста, платформи што ги поврзуваат економиите, податочните екосистеми и кои влијаат врз начинот на кој учиме, работиме, комуницираме и носиме одлуки. ​Сè почесто моќта не се наоѓа само во институциите, туку и во кодовите што молчешкум ја моделираат секојдневната реалност. ​Живееме во време кога технологијата ја менува и самата географија на можностите. Некогаш границите го одредуваа хоризонтот на успехот, а денес знаењето циркулира побрзо, побрзо од секоја физичка дистанција – истакна претседателката. 

Основачот на Women in Tech, Ајуми Моор Аоки, рече дека Моника Ризовска-Таневска, која е директорка на разгранокот во Македонија 2018 – 2019 година, од неа побарала ова движење да го донесе во земјава убедена дека може да се развива.

– И, денес, еве нè со стотици или илјадници жени во технологијата и членови на оваа заедница. Значи, жените во технологијата пораснавме од многу скромни почетоци, без никаква помош. Денес сме едно од најуспешните, би рекла, и најактивно ориентирани глобални движења за родова еднаквост за жените во STEM во целиот свет. Ви благодарам многу за вашата визија, за вашата страст, за вашата работа и за тоа што се осигуривте дека жените се претставени во секое поле, особено оние што се во дигиталната област и технологијата бидејќи тие се оние што ќе ја создаваат иднината во која ќе живееме – рече Сиљановска-Давкова. 

Ризовска на доделувањето на наградите истакна дека денеска не се тука само да доделат признанија, тука да оддадат почит на луѓето што со својата работа, знаење, иновации и лидерство го менуваат нашето општество.

– Луѓето што покажуваат дека технологијата не е само индустрија, туку алатка за создавање подобар свет. ​Би сакала да напоменам дека ништо во животот не е случајно, тој поглед на луѓето… Секој труд, секој мал чекор, секој обид да направиме нешто подобро, секогаш се исплати. Нашата цел е да ги етаблираме и истакнеме претставниците на македонскиот ИТ и технолошки сектор, но уште поважно да создадеме примери што ќе ги инспирираат и сите други генерации млади лидери, иноватори и визионери да продолжат да го градат и унапредуваат нашиот екосистем – рече Ризовска.

На настанот, кој е во организација на Women in Tech® Македонија, во соработка со Министерството за дигитална трансформација, а под покровителство на Сиљановска-Давкова, покрај награди, беа доделени и 21 признание за иновација, лидерство и влијание во ИТ-екосистемот.

Ad
Ad