Регион
Бесплатна телефонска линија за психолошка поддршка на учениците во Грција кои полагаат државни испити за прием на факултет
Бесплатна телефонска линија за психолошка поддршка на учениците кои се подготвуваат за полагање на државните приемни испити за упис на факултет во Грција, како и за нивните семејства, воведе Министерството за образование, религија и спорт, јави дописничката на МИА од Атина.
Телефонската линија, ќе функционира од денеска и сè до завршувањето на испитите на крајот на јуни, а како што информираа од Министерството, иницијативата е на министерката Софиа Захараки, која посочи дека државните приемни испити, „несомнено, претставуваат тежок процес и за кандидатите и за нивните семејства“.
– Со активирањето на националната мрежа за психолошка поддршка во сите 13 региони на земјата и бесплатната телефонска линија 1550 која ќе функционира неколку дена пред почетокот на испитите, но и во текот на целиот испитен период, испраќаме силна порака до нашите деца: Зборувајте. Продолжете упорно да се борите за вашите соништа, истакна Захараки.
Рече дека сака да ги увери учениците дека оваа поддршка не е привремена, бидејќи „менталното здравје претставува траен приоритет на државата, а зајакнувањето на односот училиште – деца – семејство е од клучно значење и заедничка одговорност“.
Потсети дека од 2019 година до денес е зголемен бројот на психолози и социјални работници во училиштата.
Паралелно, освен телефонската линија активирана е национална мрежа што вклучува редовни посети на стручни лица во училиштата, информативни активности за родители и наставници, програми за управување со стрес и зајакнување на психолошката отпорност, со цел суштинска поддршка на учениците за време на периодот на испитите.
Државните испити за упис на факултет во Грција се сметаат за едни од најтешките испити, одлучувачки за иднината, а учениците започнуваат да се подготвуваат неколку години порано.
Пред две седмици, грчката јавност ја шокираше самоубиството на две 17-годишни ученички, кои, како што пишуваа тогаш медиумите, под притисок на испитите и од страв дека нема да положат си ги одзедоа животите, фрлајќи се од зграда.
мај 25, 2026
