Свет
Кремљ: Цените на нафтата може да се зголемат уште повеќе ако продолжат украинските напади врз руските објекти
Цените на нафтата може да се зголемат уште повеќе ако продолжат украинските напади врз руските нафтени објекти, предупреди денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој го даде овој коментар во контекст на зачестените слични напади во последно време. Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово соопшти дека вооружените сили на неговата земја погодиле два танкери од руската „флота во сенка“ во близина на Новоросијск на Црното Море.
– Ако дополнителни количини од нашата нафта бидат отстранети од пазарот, цените ќе се зголемат уште повеќе од сегашните нивоа, кои веќе се над 120 долари за барел – рече Песков.
Во исто време, тој додаде дека тоа би значело дека дури и со „пониски количини на извоз“, руските компании би „заработувале повеќе пари, а Москва би добивала поголеми приходи“.
Енергенсите и горивата значително поскапеа на меѓународните пазари по почетокот на војната, која почна на Блискиот Исток со нападот на САД и Израел против Иран на 28 февруари.
мај 4, 2026

