Connect with us

Култура

Премиера на претставата „Златокоса“ утревечер на сцената на Театарот за деца и младинци

„Златокоса“ од Горјан Милошевски и Драган Довлев, по мотиви од бајката „Златокоса и трите мечки“, е нова детска куклена претстава на Театар за деца и младинци во Скопје во режија на Драган Довлев што премиерна ќе биде изведена утре со почеток во 19 часот. 

Како што беше кажано на денешната прес-конференција, кога се во прашање очекувани ефекти на проектот, Довлев рече дека овој проект има четири општи цели, а првата е да се продуцира детска куклена претстава со домашна авторска екипа составена од вработени луѓе во нашиот театар.

-Очекуваната цел е поставување на првата детска куклена претстава во нашата богата историја и гостување на фестивалите во регионот, како би покажале дека можеме со сопствени сили да направиме квалитетен и ценет производ – појасни тој. 

Цел на проектот, додаде, е и да ги ангажира недоволно ангажираните актери и како што вели, да се ублажат огромните разлики во бројот на одиграните претстави помеѓу членовите на ансамблот.

-Ќе работиме со две екипи за секој од актерите да има своја алтернација. Очекуваниот ефект е избегнување на честите одложувања на веќе претходно закажаните претстави, што е голем проблем години наназад. Најважно од се’, двете екипи ќе придонесат, практично, да има две варијанти на претставата. И едната и другата ќе носат свој посебен дух, белег и игра. И двете екипи ќе бидат рамноправни креатори на аудио-визуелното искуство на публиката и затоа се подеднакво важни – истакна Довлев. 

Патем додаде дека цел е и да се направи мала, мобилна екипа.

-Во нашиов случај, четири актери. Очекуваниот ефект е полесната организација на евентуалните гостувања и лесната прилагодливост на претставата за играње во разни неконвенционални простори. Покрај овие општи цели, главната цел на овој проект е публиката да се препознае во ликовите на Златокоса и нејзините родители. Доколку тоа се случи, очекуваме ефектот да биде желбата да се отстранат сопствените недостатоци и слабости. Како се стигнува до тоа, најдобро покажуваат ликовите на мечките – нагласи Довлев. 

Коавторот Горјан Милошевски рече дека потребни се љубезност, трпение, време за децата. 

Актерката Симона Спировска рече дека ова и е прва главна улога, како и втора куклена претстава. 

Актерот Бојан Кирковски зборуваше за тоа колку се важни куклените претстави, читањето пред спиење, одењето во парк.

Премиерата на „Златокоса“ е утревечер, а репризата во четврток на 30 април во истиот термин.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1