Вести
Гаши – Адемовиќ: Унапредување на соработката и подобри врски меѓу Македонија и Босна и Херцеговина
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши оствари средба со претседателот на Домот на Народите на Парламентарното Собрание на Босна и Херцеговина, Кемал Адемовиќ.
Гаши, како што информираат од собраниската прес-служба, изразил задоволство од одличните односи помеѓу двете држави, кои не се обременети со билатерални прашања, а како дополнителен мост на поврзување ја нагласи улогата на Бошњаците во Македонија и диаспората на Македонија во Босна и Херцеговина.
Гаши истакна дека неопходно е подобрување на сообраќајните врски помеѓу двете држави како основа за подобра економска и секаква друга соработка и во тој контекст реферирал на обновување на железничката врска, како и воспоставување на авио линија Скопје – Сараево.
Во светло на претстојната Конференција на Јадранско – Јонската иницијатива, Гаши истакнал дека темите на Конференцијата, мирот, парламентарната дипломатија и напредокот коридорите 8 и 10 се индикатор за интересот на државите и напорите на регионот на Западен Балкан за интеграција во Европската Унија.
Претседателот Адемовиќ се заблагодарил за срдечниот пречек и ги споделил очекувањата од Конференцијата со која претседава Северна Македонија. Посочил дека Босна и Херцеговина високо го цени оддавањето на почит на Собранието кон жртвите на геноцидот во Сребреница со одбележувањето на годишнината на овој трагичен настан. Нагласил дека регионалната соработка и Берлинскиот процес се особено важни за напредокот на Регионот кон Европската Унија.
Соговорниците се согласиле дека билатералната соработка и взаемните посети на сите нивоа и во повеќе сфери треба да се интензивираат.
април 23, 2026

