Connect with us

Скопје

Соработка на Општина Кисела Вода и Археолошкиот музеј за промоција на културното богатство

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, и директорката на Националната установа „Археолошки музеј на Република Македонија“, Магдалена Манаскова, денеска официјално потпишаа Меморандум за соработка. Овој значаен документ поставува цврсти темели за стратешко партнерство насочено кон заштита, истражување и одржливо користење на културно-историскиот потенцијал на територијата на општината.

Соработката предвидува унапредување на научно-истражувачките активности, зачувување на културното наследство, како и развој на културниот туризам. Двете институции заеднички ќе работат на планирање на археолошки истражувања, конзервација и презентација, размена на стручни знаења и интегрирање на културното наследство во пошироката едукативна понуда.

Според Меморандумот, Општината ќе обезбеди логистичка, инфраструктурна и промотивна поддршка, додека Музејот ќе ја понуди својата неопходна стручна и научна експертиза преку вклучување на археолози и конзерватори.

-Културното наследство е нашиот идентитет и наша обврска е да го заштитиме и соодветно да го промовираме. Со потпишувањето на овој Меморандум, Општина Кисела Вода и Археолошкиот музеј се обединуваат во заложбата за валоризација на нашата историја. Оваа соработка ќе овозможи стручна заштита на културните добра и нивно доближување до граѓаните преку едукативни програми и развој на културниот туризам. Нашата цел е преку силна меѓуинституционална поддршка да создадеме трајни вредности за идните генерации-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3