Connect with us

Вести

Мицкоски: Нема цена што може да ме натера да влезам во авантура, без извесен крај за преговорите со ЕУ

Нашиот став е јасен и непроменет и нема цена што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура, а во која нема да има извесен крај – изјави денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во врска со вчерашната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и ставот дека мора да се донесат уставни измени за да почнат преговорите за влез во ЕУ.

Мицкоски беше дециден дека за овие 26 години многупати ни беа давани ветувања за отстапки, но и дека ставовите кај нашиот сосед во однос на ова прашање се радикализираат. Тој ги повика граѓаните да се обединат за ставот на Владата по ова прашање. 

– Ние со господинот Кошта имаме изградено, навистина би рекол, искрен однос. Тоа не значи дека секогаш се сложуваме. Една од темите за која не се сложуваме е токму оваа за која вие денеска зборувате. Нашиот став е јасен и непроменет. Со други зборови, еве да го повторам: нема цена што ќе нè натера да влеземе во авантура, без притоа да знаеме дека таа авантура ќе има извесен крај. Не постои цена што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура, а во која што нема да има извесен крај – истакна Мицкоски. 

Многупати во минатото, додаде тој, на граѓаните, но и на политичарите од македонската влада, им беа давани ветувања. – Беа тапкани по рамо дека уште ова треба да се направи, верувајте ми на зборот, но, за жал, ние се наоѓаме на истото место каде што се наоѓаме пред 26 години. Од информациите што јас ги имам и она што ми беше соопштено од билатералната средба меѓу министрите за надворешни работи, нашиот и на источниот сосед, мислам дека таму драматично се радикализира состојбата и не само што ова не е единствениот услов за да влеземе во процесот и тој процес да го изодиме до крај, туку, напротив, таму работите драматично се радикализираат, а причината за тоа е, нормално, опозицијата кај нас, која, за жал, не избира средства за да ги урива позициите на Владата кога станува збор за одбрана на македонските национални интереси и претставува мекото ткиво на македонскиот национален идентитет – нагласи премиерот Мицкоски.

Тој притоа ја повика македонската јавност да застане и да се обедини за политиките на Владата кога станува збор за ова прашање бидејќи, како што рече, „колку повеќе сме заедно, обединети, толку повеќе сме силни и дома и надвор“. „А овие што се мекото ткиво, додаде, „набргу ќе бидат и поразени и минато на политичката сцена во државата“.

Но, и тоа ќе го издржиме, имаме доволно сила. Ние сме подготвени за сето ова, имаме факти, имаме аргументи, ќе работиме… Ова не е спринт, ова е маратон. Потребни се стратегија, план, визија… Ова се победува со ум. Не се победува со брзање и под притисок – нагласи премиерот Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Тој истакна дека не очекува промена на позициите на Софија, особено не сега по изборот на новата бугарска влада.

– Јас не очекувам од страна на Софија промена на ставот, најпрвин да бидеме тука директни и прецизни, особено не сега таму кога оваа нова влада е во т.н. политички меден месец. За да направат пренос на вниманието од домашните проблеми, тие ќе се обидат да креираат ваков тип на прашања во кои ќе се покажат како луѓе што ќе ги штитат нивните интереси. За разлика од тука, таму постои единствено мислење кога станува збор за ова прашање – рече премиерот Мицкоски, кој повтори дека на нашата политичка сцена има уште една група, која по секоја цена сака да ги урниса позициите на Владата.

Мицкоски рече дека нашите аргументи надвор се јасни и гласни и прецизни. – Кога зборувам за наши аргументи, тука зборувам за испораката која е поврзана со планот за раст, односно реформската агенда. Ние продолжуваме и понатаму да испорачуваме реформи. Имаме целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ, што е уште еден дополнителен аргумент – рече Мицкоски.

Ги наведе документите што сме ги изработиле, вклучувајќи го и акцискиот план за малцинства, како и изразеното задоволство од страна на Кошта. – Ако го изолираме ова, без притоа да имаме јасна перспектива, сè друго ние како Влада ќе го исполниме и ние сме фронтранери, а не тие што се третираат како замислени фронтранери, односно земји што исполнуваат услови и се напред и ја водат групата Западен Балкан 6 – рече Мицкоски.    

Премиерот потенцира дека на оваа гарнитура политичари целта им е да повратат дел од загубеното, а не дополнително да загубиме, нагласувајќи и повторувајќи дека оваа Влада нема да влезе во авантура без план.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1