Connect with us

Живот

Само 23,4 отсто од домаќинствата во ЕУ имаат деца, Македонија над европскиот просек

Традиционалната слика за европското семејство со повеќе деца бргу се менува. Најновите податоци на Евростат за 2025 година откриваат длабоки демографски промени во Европската Унија: бројот на домаќинства што имаат деца се намалува, а драматично расте бројот на луѓе што живеат сами или како парови без потомство.

Дополнително, за оние што имаат деца реалноста сè почесто значи дека само еден родител го носи целиот товар на нивното одгледување.

Секое четврто домаќинство има деца

Од вкупно 203,1 милиони домаќинства во ЕУ, минатата година само 47,4 милиони или скромни 23,4 % вклучувале деца. Повеќето од нив се парови со деца (14,7 %) по што следуваат други видови сложени домаќинства со деца (5,6 %) и самохрани родители (3,0 %).

Од друга страна, огромното мнозинство од дури 76,6 % се домаќинства без деца. Во оваа категорија доминираат самците (луѓе што живеат целосно сами), кои сочинуваат дури 37,5 % од сите домаќинства во Унијата. По нив, следуваат паровите без деца со 24,1 %.

Трендот во изминатата деценија (од 2016 до 2025 година) јасно покажува во која насока се движи Европа:

– Бројот на едночлени домаќинства (самци) без деца скокнал за дури 19,2 % (од 63,9 на 76,1 милиони);

– Бројот на парови без деца пораснал за 3,3 %;

– Наспроти ова, бројот на парови со деца опаднал за 6,3 %.

Големи разлики: Од „семејната“ Словачка до „самечката“ Финска

Демографската слика не е еднаква насекаде во Европа. Највисок удел на домаќинства со деца е забележан во Словачка (35,4 %), Ирска (30,8 %) и Кипар (28,2 %). На спротивниот крај на скалата се наоѓа Финска, каде што само 18,2 % од домаќинствата имаат деца, а во слична ситуација се и Литванија (18,4 %) и Германија (19,9 %).

Кога станува збор за бројот на деца, половина од европските домаќинства со деца (50,2 %) имаат само едно дете, 37,6 % имаат две, а едвај 12,2 % одгледуваат три или повеќе деца. Еднодетните семејства се најизразени во Португалија (61,8 %) и Бугарија (60,4 %). Спротивно на тоа, во 14 од 27-те земји на ЕУ доминираат семејства со две или повеќе деца, предводени од Шведска (57,8 %) и Холандија (57,6 %).

Македонија сè уште над европскиот просек со домаќинства со деца. Европстат ги собира податоците за домаќинствата и за државите кандидатки за ЕУ. Така, според Евростат, од вкупно 595,6 илјади домаќинства во нашата земја, 66,1 % (393,4 илјади) се без деца, а 33,9 се со деца.

Ако ја направиме директната паралела со Европската Унија (каде што 76,6 % се без деца, а 23,4 % се со деца), податоците покажуваат дека кај нас има значително повисок процент на домаќинства со деца во споредба со просекот на ЕУ. Со овој процент нашата земја се позиционира многу блиску до Словачка (35,4 %) и Ирска (30,8 %), кои се на самиот врв во ЕУ.

Ако ги земеме предвид само оние 202,2 илјади домаќинства што имаат деца и ги разгледаме внатрешните проценти, структурата во нашата земја е следна:

· Домаќинства со 1 дете: 43,2 % (87,3 илјади);

· Домаќинства со 2 деца: 43,4 % (87,8 илјади);

· Домаќинства со 3 и повеќе деца: 13,4 % (27,1 илјада).

За разлика од ЕУ, каде што половина од домаќинствата (50,2 %) имаат само по едно дете, во Македонија доминираат семејствата со две деца (43,4 %), а процентот на семејства со три или повеќе деца (13,4 %) е исто така повисок од просекот на ЕУ (12,2 %).

Секое осмо домаќинство со деца се потпира на еден родител – главно мајки

„Поговорката потребно е цело село за да се одгледа едно дете звучи убаво, но за многумина реалноста е дека само едно возрасно лице ја носи целата одговорност“, констатирале во Евростат. Во ЕУ минатата година имало околу 6,1 милиони еднородителски семејства, што значи дека 1 од 8 домаќинства со деца (12,9 %) се потпира на само еден возрасен.

Овој феномен е најекстремен во Естонија, каде што дури 4 од 10 домаќинства со деца (40,6 %) се со еден родител, што е највисок процент во ЕУ. Слични високи бројки имаат и Литванија (32,7 %) и Латвија (28,5 %). Најбезбедни во поглед на двородителското одгледување се Словачка (само 3,1 % еднородителски домаќинства), Грција (3,8 %) и Словенија (4,0 %).

Нашата земја, според мапата на Евростат и податоците од 2025 година, припаѓа во државите од Европа со мал процент на еднородителски семејства, со само 2,6 отсто.

Статистиката потврдува дека овој товар во огромно мнозинство паѓа на плеќите на жените. Дури 81,6 % (5 милиони) од овие домаќинства се предводени од самохрани мајки, а самохраните татковци сочинуваат 18,4 %. Повеќето од овие семејства (60,1 %) се со едно дете.

Овие загрижувачки податоци се објавени во контекст на Светскиот ден на родителите (1 Јуни), кој секоја година служи како потсетник за клучната улога на семејствата, родителите и старателите.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1