Вести
Oфицијален пречек на претседателката Сиљановска-Давкова во Словачка, тет-а-те средба и состанок на двете делегации
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, денеска, во Братислава беше пречекана од претседателот на Република Словачка, Петер Пелегрини, тие одржаа тет-а-тет средба, по што следеше пленарен состанок на македонската и на словачката делегација.
Во фокусот на разговорите беше оценката и унапредувањето на билатералните односи, со акцент на политичката соработка, нашата маратонска евроинтеграција и словачката поддршката во процесот. Предмет на дијалогот беа и: економската соработка, трговската размена и инвестициите, како и можностите за засилено партнерство во енергетиката, инфраструктурата, туризмот и иновациите.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните безбедносни и геополитички состојби во Европа, соработката во рамките на НАТО, како и потребата од стабилност и јасна европска перспектива на регионот.
Во рамките на официјалната посета, предвидено е претседателката да оствари средба со претседателот на Националниот совет на Република Словачка, Рихард Раши, како и со потпретседателот на Владата на Република Словачка и министер за одбрана, Роберт Калињак.
јуни 2, 2026
