Живот
Сем Алтман: Вештачката интелигенција го менува пазарот на труд, но не води кон масовни отпуштања
Извршниот директор на компанијата Опен АИ (Open AI), Сем Алтман, денеска оцени дека вештачката интелигенција го менува пазарот на труд, но дека веројатно нема да доведе до масовно губење на работните места, т.н. „апокалипса на работни места“ (jobs apocalypse), како што претходно предвидуваа поединечни аналитичари.
Говорејќи на конференција во Сиднеј, Алтман наведе дека вештачката интелигенција досега го нема предизвикано очекуваниот бран на укинување на канцелариските работни места, особено на почетните нивоа.
Тој призна дека претходно имал поинакви очекувања во врска со брзината и интензитетот на влијанието на вештачката интелигенција врз вработувањето, истакнувајќи дека погрешно ги проценил краткорочните општествени и економски ефекти на технологијата.
Според него, вештачката интелигенција сè повеќе презема одредени задачи во работењето, како што се одговарање на пораки и е-пошта, но во многу професии е присутен „човечкиот фактор“ кој не е лесно да се замени. Алтман додаде дека токму тој фактор е клучната причина поради која не очекува сценарио на нагло и масовно исчезнување на работните места.
Неговите изјави доаѓаат во момент кога сè поголем број глобални компании воведуваат алатки за вештачка интелигенција во деловните процеси, со повремени кратења на работните места, но без јасен модел кој би укажувал на систематска замена на работната сила со вештачка интелигенција.
мај 27, 2026
