Забава
Два грбави кита соборија рекорд пливајќи меѓу Австралија и Бразил
Научници открија два грбави кита, кои, пливајќи меѓу Австралија и Бразил, поставиле нов рекорд од 14.500 километри. Китовите биле препознаени според карактеристичните ознаки на нивните опашки на две локации оддалечени 14.500 километри. Тие се движеле во спротивни насоки и поминале поголемо растојание од кој било досега регистриран грбав кит.
Според Филип Клефам, поранешен раководител на програмата за истражување на китови на Националната океанска и атмосферска администрација на САД (НОАА), станува збор за исклучително несекојдневен настан.
– Тоа е многу редок случај, но навистина претставува прекрасен показател за тоа колку овие животни се распространети – изјавил Клефам.
Грбавите китови се познати по своите долги миграции низ огромни океански пространства, најчесто по рути што ги учат од своите мајки. Во текот на потоплите месеци тие се хранат со крил и ситна риба, а во зимскиот период се размножуваат во тропските води.
Во рамките на новото истражување научниците анализирале повеќе од 19.000 фотографии од китови направени во последните четири децении. Материјалите биле собрани од истражувачки групи и граѓански научници, а софтвер за препознавање помогнал животните да бидат идентификувани според бојата и назабените рабови на нивните опашки.
Еден од китовите препливал нешто повеќе од 15.000 километри, со што ги надминал претходните рекордери, меѓу кои и грбав кит, што претходно бил регистриран на релација меѓу Колумбија и Занзибар.
Но бидејќи фотографиите го прикажуваат само почетокот и крајот на патувањето, научниците не може со сигурност да утврдат која рута ја следеле китовите за време на нивната миграција.
Според експертите, ваквите методи на следење би можеле да помогнат во подобро разбирање на промените во движењето на китовите, особено во услови кога климатските промени ги затоплуваат океаните и ги менуваат подрачјата во кои живее китот, како и местата каде што китовите се хранат и размножуваат.
Студијата е објавена во научното списание „Ројал сосајети опен сајенс“.
мај 22, 2026
