Регион
Герапетритис следниот месец ќе ги посети земјите од Западен Балкан
Веруваме дека е дадена нова динамика на политиката на проширување, која е стратешки приоритет на ЕУ. Станува збор за заемно корисен процес, како за партнерите од Западен Балкан и за самата Европска Унија, посочи портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите и соопшти дека министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, следниот месец ќе ги посети земјите од регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
Зохиу на брифингот се осврна и на Западен Балкан и иницијативата на Грција за поддршка и унапредување на европската перспектива на земјите од регионот што започна со Декларацијата од Делфи минатиот месец, а е во пресрет на грчкото претседателство со Европската Унија во втората половина на 2027 година.
Потсети дека Грција како најстара членка на ЕУ од регионот, веќе 23 години е предводник во процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ, од Солунската агенда во 2003 до Декларацијата од Делфи од 2026 година, и уште еднаш нагласи дека „Грција верува дека европската перспектива на Западен Балкан е неповратен процес“, но согласно соодветните критериуми и обврски.
– Декларацијата од Делфи е почетна точка на грчката иницијатива за Западен Балкан, што ја презеде министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис. Следниот чекор е посетата на министерот за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, во јуни. Грција е подготвена и расположена да обезбеди експертиза во клучни области, како што се владеењето на правото, јавната администрација, дигиталното управување, транспортна и енергетската инфраструктура, како и практично да ги поддржи реформските напори на партнерите од регионот, посочи Зохиу.
На прашањето на дописничката на МИА од Атина кога точно е планирана посетата на Герапетритис на регионот и кои земји ќе ги опфати неговата турнеја, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција објасни дека според тоа како моментално стојат работите, ќе биде во јуни, а програмата и детали ќе бидат дополнително соопштени.
мај 21, 2026
