Connect with us

Култура

Културната дипломатија како мост на европското партнерство

На лична покана на амбасадорот на Република Кипар во Софија, Н.Е. Хараламбос Кафкаридес , проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, присуствуваше на свечениот настан организиран по повод Претседателството на Република Кипар со Советот на Европската Унија во 2026 година.

Настанот се одржа во свечена и пријателска атмосфера, во присуство на бројни претставници на дипломатскиот кор, амбасадори, претставници на европски институции, културни организации, академската заедница и јавниот живот во Бугарија. Во текот на вечерта истакнато беше значењето на кипарското претседателство со Советот на Европската Унија, како и неговата улога во унапредувањето на европските политики, меѓународната соработка и културниот дијалог меѓу државите-членки и земјите од регионот.

Присуството на проф. д-р Зоран Пејковски на овој значаен дипломатски настан претставува потврда за активната улога на Македонскиот културно-информативен центар во Софија во промоцијата на културната дипломатија и меѓународната културна соработка. Како институција која континуирано работи на афирмација на македонската култура, традиција и современо творештво надвор од границите на државата, Македонскиот КИЦ во Софија претставува значаен мост на поврзување меѓу народите, културите и институциите.

Во рамки на настанот, проф. д-р Пејковски оствари средби и разговори со претставници на дипломатски мисии, културни институции и меѓународни организации, при што беше нагласена важноста на културната дипломатија како современ инструмент за градење доверба, пријателство и заемно разбирање меѓу државите. Посебен акцент беше ставен на улогата на културата во зајакнувањето на европските вредности, интеркултурниот дијалог и развојот на соработката во областа на образованието, уметноста и културната размена.

Настанот претставуваше можност за размена на идеи и искуства, но и за отворање нови перспективи за идни заеднички иницијативи и партнерства. Во време кога културната и јавната дипломатија добиваат сè поголемо значење во меѓународните односи, ваквите средби придонесуваат кон продлабочување на меѓусебното почитување, разбирање и градење на трајни пријателски релации меѓу народите.

Со своето присуство и активна комуникација, проф. д-р Зоран Пејковски уште еднаш ја потврди заложбата за афирмација на македонската култура и за унапредување на културната дипломатија како важен сегмент во современите европски и меѓународни процеси.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1