Connect with us

Култура

Промовиран романот „Клучниот код на молкот“ од Емилија Златкова Анастасова

Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес  синоќа беше промовиран романот „Клучниот код на молкот“ од Емилија Златкова  Анастасова на која ова и е 12. книга и петта од серијалот со детективката Силвија Силјановска. Книгата ја промовираа професорката и писателка Соња Карбева и писателката Десанка Николова.

Во своето излагање промоторката Соња Карбева  пред присутните појасни дека клучната порака која таа ја пронашла меѓу редовите бил повикот да не заборавиме дека создателот не создал како луѓе и ни го вдахнал она што не изделува од ѕверовите, а тоа е љубовта и човекољубието.

-Знаењето треба да биде причина за моќ, со која човекот ќе се издигнува, а не причина поради која тој ќе чекори кон пропаст.Токму едно ново технолошко откритие,од областа на биотехнологијата и биоинформатиката, кое требало да биде ставено во функција на подобрување на човековото здравје, е јадрото околу кое се плете приказната во „Клучниот код на молкот“. Не е ништо ново дека медицината од памтивек е ставена во служба на подобрување на човековото здравје и на квалитетот на човечкиот живот. Ново е што во овој случај најновите научни достигнувања од областа на невропсихологијата, биологијата, генетиката и биоинформатиката треба да бидат искористени, не во полза на човековото здравје, туку за создавање  на синтетички нервни системи кои нема да можат да функционираат самостојно,туку ќе бидат контролирани и управувани од микрочипови. Основната функција на тие микрочипови би била преку импланти, внесени на две клучни точки на човековото тело, на челото и на десната рака, да влијае на когнитивните процеси на единката и на нејзиното однсување и дејствување – појасни Карбева.

Таа додаде дека главниот лик во романот Марина, требало да биде жртвувана како едно од првите деца врз кои ќе биде испитуван овој чип.

-Чипот треба да создаде луѓе-машини кои молчат и кои немаат своја волја, желба, мисли и чувства. Најпоразувачко откритие ќе биде сознанието дека алчен за пари и за наограничена моќ, Марина на жртвениот олтар ќе се обиде да ја стави лично нејзиниот татко, Алексеј Стеванов, појасни Карбева.

Втората промоторка Десанка Николова за романот на  Емилија Златкова Анастасова потенцира дека романот успева да создаде чувство дека вистинската опасност не е самата технологија, туку човекот што сака преку неа да управува со другите луѓе.

-Во тоа лежи и суштината на тајната што постепено се открива дека системот не сака само да го контролира телото,туку и свеста, изборот и индивидуалноста. Затоа „кодот“ не е само компјутерски механизам, туку симбол на современиот свет во кој човекот ризикува доброволно да ја предаде сопствената слобода, појасни Николова.

Воедно, потенцира дека „Клучниот код на молкот“ не е само роман за технологијата, тоа е роман за стравот од губење на душата во свет што се повеќе ја заборава вредноста на човекот.

-Овој роман е роман што бара учество. Тој не’ поставува како активни мислители. Не’ повикува да ги преиспитаме сопствените ставови, сопствените избори и сопствените граници, порача Николова.

Во продолжение на промоцијата Николова и поставуваше прашања на авторката Златкова Анастасова поврзани за романот. Таа појасни дека идеја да ја напише и посвети на својата ќерка Дебора, добила од еден нејзин, а за да ја напише книгата многу време истражувала во светот на технологијата и сите поими во неа постојат и во реалниот свет. Воедно, порача дека нејзината книга ни поставува и длабоки прашања на кои треба да си одговориме односно да не поттикне длабоко да размислуваме во врска со нашето постоење и технологијата, која, вели, треба да биде во полза на човекот.

На крајот на промоцијата писателката потпишуваше книги за читателите и разговараше со нив.

Промоцијата беше збогатена и со музички и сценски настапи на Даријан Јордановски под менторство на Филип Величков  од ОМУ „Стефан Гајдов“ како и Славица Андова и Гордана Лазова под менторство на Вероника Караколева од Центарот за перформативни уметности  Супер Старс – Велес.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1