Регион
Христодулидис – Милатовиќ: Западен Балкан ѝ припаѓа на Европа, а напредокот на Црна Гора ѝ дава живот на оваа перспектива
Местото на Западен Балкан е во Европа, а напредокот на Црна Гора кон Европската Унија испраќа порака дека процесот на проширување е жив, порачаа кипарскиот и црногорскиот претседател Никос Христодулидис и Јаков Милатовиќ на заедничката прес-конференција по нивната средба во Никозија, јави дописничката на МИА од Атина.
Милатовиќ денеска е во еднодневна работна посета на Кипар, а на средбата со Христодулидис акцентот беше ставен на европската перспектива како на Црна Гора, така и на регионот, особено и во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан што на 5 јуни ќе се одржи во Црна Гора.
– Во пресрет на овој многу важен Самит нашата порака денеска е јасна, беше кристално јасна за време на кипарското претседателство, дозволете ми да ја повторам, Западен Балкан ѝ припаѓа на Европа, а напредокот на Црна Гора ѝ дава живот на оваа перспектива. Кипар е целосно свесен дека Западен Балкан е регион од стратешка важност и геополитичка вредност за стабилна, безбедна и обединета Европа. Особено во овој период на глобална неизвесност и несигурност потребно е да вложиме секаков можен напор за да ги гарантираме мирот и безбедноста на Западен Балкан, нагласи Христодулидис.
Црногорскиот претседател посочи дека земјата е најблиску до ЕУ од било кога претходно, што претставува „историски момент“ и „најважниот момент во модерната историја“, објаснувајќи дека тоа е резултат на „години работа, посветеност, тешки одлуки и верба дека земјата, заслужува место во европското семејство, не поради привилегии туку поради постигнатиот напредок“.
– Верувам дека двајцата се согласуваме дека успешната приказна во процесот на пристапувањето на Црна Гора ќе биде многу важна порака за сите други во регионот дека проширувањето е живо. Во Црна Гора ќе се одржи, за првпат, Самитот ЕУ-Западен Балкан на 5 јуни и тоа ќе биде јасна порака дека Западен Балкан е дел од Европа, истакна Милатовиќ и притоа му се заблагодари на Христодулидис за кипарската поддршка.
Двајцата лидери, разговарале и за билатералните односи, изразувајќи волја за дополнително зајакнување н сите нивоа, а Христодулидис го информирал Милатовиќ и за кипарското прашање.
мај 19, 2026
